Референдумското изјаснување во општина Ново село против изградба на рудници не успеа. На гласачките места не излегоа потребните 50 одсто плус еден од запишаните 11438 граѓани со право на глас. Сите посочуваат дека проблемот е во избирачкиот список кој не соодветствува со реалната слика во Ново село бидејки над 40 одсто од граѓаните од ова општина се во странство, објави ТВ24.

„50 одсто од луѓето не се тука, значи надвор од општина Ново село. Кое е гласачкото тело, нема цензус сега да излезе, а камо ли да се изјасни“,
„Без разлика што имаме многу малку луѓе присутни тука, верувам дека ќе излезат сите и да се спасиме од тоа зло“, велат жителите.
Речиси сите што денеска излегоа на 20 те гласачки места во општина Ново село се изјаснија против изградба на рудникот за злато Иловица. Според нив со отворање на било какви рудници ќе биде уништено земјоделството како гранка од која егзистираат речиси сите.
„Јас кажав пред некој ден, ова е зло за сите, некој да замисли да прави вакво нешто во котлина која беше поим за производство за цела Југославија, за цела Европа, мислам дека е зло“,
„Ќе немаме добро земјоделство, ќе нема производство, ќе немаме вода за пиење, а ние и така страдаме за вода за пиење дека оваа не добра со тоа, ако се отвори рудникот треба да се селиме од тука“,
„Се ќе се уништи“, велат жителите.
Референдумот во општина Ново село беше шестиот во југоистокот. Во Гевгелија, Богданци и Дојран беа успешни каде граѓаните кажаа против рудници. Во Валандово, Босилово и Ново село заради неизлезност на гласачкиот електорат пропадна можноста граѓаните преку референдум да го кажат своето мислење за рударски капацитет во нивните средини.