
Прашање. 1: Го споменавте декласифицрањето на договорите и заложбите на оваа влада и промовирање вредности како транспарентноста, но не сите претставници на институциите што се овде ги почитуваат овие заложби. Моето прво прашање е до министерот Бектеши но и до вас, и се однесува на рудниците.
Господине Бектеши дали конечно ќе го отворите договорот со Еуромакс, бидејќи одбивте да ни го дадете со образложение, дека погрешно ќе ги толкуваме податоците, и прашање број два до премиерот Заев: Многу граѓани во источна Македонија стравуваат дека оваа наша Македонија, како што рековте, нема да е толку убава доколку се реализира планот за тие инвестиции и тие рудници во источна Макеоднија, каде што е нашата храна, нашите природни ресурси. Вие тоа најдобро го знаете, доаѓате од престолнината на земјоделието. Кој е ставот на владата во врска со изградбата на рудниците?
Зоран Заев: Денеска ќе одговарам јас на сите прашања, поради тоа што ќе биде комплицирано сите министри да одговараат, но сите продолжуваат со презентацијата на тоа што е реализирано во делокругот на нивното работење. Ќе може да добиете одговор и од министерот Бектеши, и од сите минисрти во владата, верувам тоа повторно ќе биде во прилог на транспарентноста. Сите овие прашања ги координираме заедно, и буквално ниту еден министер самостојно не ги носи одлуките, тоа се генерално се владини концепти. Прво знаете дека оваа влада е декларирана како влада на граѓаните и за неа нема поважно од животот и здравјето на луѓето. Не постои нешто што ќе остане тајна во оваа земја, а притоа пак, да не зборуваме ако тоа допира во животот и здравјето на граѓаните. Соодветно сите информации ќе бидат достапни, да бидат изанализирани во соодветните постапки. Но редот е, прво вака, новите раководства на институциите, прво да ги согледаат сите правно-формални аспекти, затоа што веднаш кога ќе го дадеме договорот ќе следуваат и прашањата. Ред е да бидат подготвени и за тие прашања. Гледате дека нашиот официјален став е на страната на граѓаните, на страна на референдумите. Некаде референдумите успеваат, некаде не успеваат. Тоа не значи дека ако некаде референдумот не е успешен, дека владата ќе се откаже од заштита на императивните вредности, а тоа се, здравјето, животот и перспективите на граѓаните, притоа почитувајќи го Уставот и законите на Република Македонија.
Од тој аспект сакам да очекувате комплетно транспарентен процес и постапки, и само да надополнам, ако одредена карика, одредена институција, без разлика дали е министерство, дали е јавно претпријатие, државна агенција или слично, не ви даде информација, ве молам да се обратите овде, во владата, прво кај министерот задолжен за транпарентноста и соработката со медиумите, и на крајот како конечна инстанца, ви стојам јас на располагање, за да можат токму медиумите, кои што се совеста на ова наше општество, да ги добијат сите неопходни инфомрации.
Пр. 2: За време на референдумите беа забележани серија притисоци врз граѓаните, дури и од претставници на дипломатски претставници во Република Македонија. Ваш коментар!
Зоран Заев: Притисокот е понезгоден од актуелните градоначалници и нивните структури, отколку од претставниците на странските дипломатски претставништва. Будно го следевме овој процес, и секако, се документираат сите активности за законски недозволени дејствија кои што се превземени од било кој врз граѓаните на Република Македонија.
Има индикации за кои што зборуваа граѓаните, некаде дури и пред камери, а некаде зборуваат и пред институциите, но постапките треба да бидат оформени, мора да се заокружат со докази. Секако, во делот на разговорите, се знае граѓаните каде реба да пријавуваат. Дел одат во министерството за внатрешни работи и важно е да се обезбедат доказите за оваа работа. Доказ не е само давање на пари, закана или слично, доказ е и директно влијание врз граѓаните со законски недозволени мерки. Сакам да знаете дека сме целосно насоени во сите овие постапки, ги собираме сите овие информации и докази, и нема да останеме неми посматрачи, ако не поради друго, токму поради тоа што еден дел, јас, мојата политичка партија, но и многу луѓе кои што денеска се чинители во оваа влада, беа навистина цел на вакви незгодни репресии во периодот наназад во Република Македонија.
Пр.3: Господине Заев, велите дека со законот за јазици се затвора последното отворено прашање на Охридскиот договор. Имате ли гаранција од коалиционите партнери, од ДУИ, Алијансата на Албанците, дека ова е навистина последното отворено прашање?
Зоран Заев: Читајќи го Охридскиот рамковен договор, кој што е преточен и во Уставот на Република Македонија, ова е последното легалистичко прашање кое што во форма на закон се затвора. Кога одите по затварањето на отворените прашања, ние официјално стоиме како влада, дека е последно отворено прашање. Но, Охридскиот договор има дух. Тој дух вели рамномерна застапеност на граѓаните во сите институции дури и во приватниот сектор. Сите да бидеме подеднакво вклучени и затоа треба и понатаму да водиме грижа, дури и ако се исполни и ова, рамномерната застапеност на сите во институциите. Може во одреден период и да падне застапеноста за сметка на било која заедница, Ние мора да водиме грижа во секојдневните политики, како општество, во реализацијата на ова прашање.
Ова е заеднички став и Охридскиот рамковен договор постои поради граѓаните. Тие се тие, кои ќе ни кажат ако одредено прашање, за кое што владата мисли дека е затворено, сеуште е отворено. Ние сме отворени за сите дискусии кои што граѓаните ќе ни ги укажат како на влада.
Пр. 4: Господине Заев, Зошто владата се одлучи предлог-законот за употреба на јазиците да го достави во собранието со европско знаменце, а не во редовна процедура?
Зоран Заев: Поради тоа што е дел од националната програма за усогласување на законодавството на патот кон реформите и кон нашата интеграција кон Европската Унија. Тоа е дел од планот 3-6-9, и е многу логично да биде со европско знаменце. Тоа е дел од националната програма за усогласување со европското законодавство. Знаете, колку Европа дава важност на различностите кои што се вградени како темелни вредности, во Европската унија, и затоа тоа е логично да се случува. Еве, дебатата овие денови почнува во комисиите, ќе се случува и во делот на пленумот. Јас очекувам навистина ова важно прашање за моите сограѓани од албанска етничка заедница, а и за нашите сограѓани од турската, ромската, влашката, бошњачката, српската и сите останати етнички заедници да се донесе низ еден транспарентен процес со многу искрени намери. Во рамките на Уставот на Република Македонија конечно да го донесеме на транспарентен начин Законот за унапредувањето на употребата на јазиците во Република Македонија.
Пр. 5: Г-дине Заев, имам две кратки прашања до вас. Првото се однесува на надворешната политика. Рековте дека имавте голем број на меѓународни средби. Дали на овие средби сте оптимист за брзо решавање на спорот со името, по потпишувањето на Договорот со Бугарија за брза интеграција на земјата во НАТО. И второто прашање, како го оценувате работењето на министерот Таравари и неговата одлука да се повлече од позицијата во овој момент?
Зоран Заев: По основ на првото прашање, верувам сме доволно транспарентни, секаде зборуваме за перспективите на Република Македонија. Прво ми е драго што сите политички партиципиенти, и огромно мнозинство од преку 75% од граѓаните стојат на определбата НАТО и ЕУ и за тоа не постои алтернатива во Република Македонија. Јас сум исто така убеден дека денеска има, и тоа како има, поголеми перспективи за решавање на ова чувствително прашање, проблемот кој што Република Грција го има со нашето уставно име. Зошто? Поради пријателскиот однос. Во најмала рака нема провокации кои што беа декларирани од Грција дека се случувале од Република Македонија кон Грција. Нема. Градиме пријателски однос. Еве се случија двете посети на министрите за надворешни работи, на Атина и на Скопје. Навистина по двете средби пријателскиот однос е созададен. Тоа не е и решение. Но, еден чекор е направен понатаму. Верувам дека под медијаторство Метју Нимиц, во ноември, декември, јануари, фебруари, веќе ќе имаме и нови решенија за разгледување на овој проблем, а нашиот став останува непроменет. Заедно со опозицијата ќе навлеземе во решавање на ова прашање, каде што и заедно ќе излеземе на референдум кој што ќе биде конечен, како конечна одлука на граѓаните на Република Македонија. Јас би сакал уште вчера да беше решено ова прашање, би сакал и претходната влада да можеше да го реши. Меѓу другото, знаете дека многу често бев и предавник затоа што апелирав владата да посегне, со наша поддршка, како тогашна опозиција, во решавање на ова прашање. Се немаше сила и храброст. Јас верувам дека храброст има оваа влада, но секако во консензус со опозицијата, мора да навлеземе во решавање на овој горлив проблем.
Во делот на ова што станува доста актуелно, верувам деа може да се случи и некои други министри и заменици министри да бидат кандидати за градоначалници. Пред сѐ како премиер ја почитувам политичката волја на партиите, на коалиционите партнери кои што се во владата и нивната определба и решенија со кои тие ќе излезат, како понуда, пред граѓаните. Во исто време го споделувам и ставот дека секој избран и именуван функционер на владата на Република Македонија, покрај политичката има и морална и етичка одговорност за својата работа пред граѓаните на оваа наша земја. Владата на република Макеоднија им гарантира на сите граѓани дека сите министерства и останати владини институции ќе работат во целосен капацитет, пред, за време и после локалните избори.
Јас сум повеќе од задоволен од работата на сите министерства, вклучително и од работата на министерот Арбен Таравари.
Пр. 6: Споменавте дека во моментов се работи на реформи во правосудството. Дали тоа значи дека наскоро може да очекуваме и реизбор на судии и какви се вашите очекувања од основното јавно обвинителство со фактот дека Зврлевски повеќе не е таму, меѓутоа неговиот тим сеуште остана во обвинителството. Дали очекувате да си ја заврши добро работата?
Зоран Заев: Јас верувам дека полека паѓаат стегите и прангите кои што беа врз правосудството. Пред сѐ поради тоа што заврши едно време кое што беше типично за притисоци и закани врз правосудството од страна на извршната власт, а буквално и недвосмислено е настапено ново време кое што нема никакви допирни точки со работењето на судството и Јавното обвинителство на Република Македонија, односно обвинителите и судиите можат да носат одлуку согласно закон, Устав и сопствено убедување. Во тој дух јас очекувам секој да си ја врши работата во Република Македонија. Ние како извршна власт својата. Правосудството како судска власт, својата работа.
Таму каде што има докази да се процесуираат предметите, таму каде што нема докази да се престане со истраги. И апсолутно очекувам тоа да почне веднаш, иако се во најава рефоми во правосудниот систем. Истовремено негувам надеж дека ослободено од Марко Зврлевски, Јавното обвинителство е подготвено, без било какви стравови и предрасуди, и без било какви резерви, веднаш да постапува по можни недозволиви активности во предизборието, за време на кампањата и за време на изборниот ден. Апсолутно, на Македонија не и треба ништо помалку освен регуларни, кредибилни, фер и демократски избори.
Значаен чинител е овде Јавното обвинителство. Законите добро ги пропишуват казните и мерките. Тоа мора да важи за сите во Република Македонија, без разлика дали се тоа активисти, политичари, на партиите од власта или на партиите од опозицијата, 0односно мора да важи еднакво за сите граѓани на Република Македонија. Реформските процеси почнуваат преку стручни тела, преку совети. Јас ги очекувам на дебата стратегиите кои што тие ќе ги носат, сите планови коишто ќе се случуваат во периодот што претстои. Како демократ човек очекувам навистина нашата стручна јавност од областа на правосудството ќе даде добри механизми кои што реално и меѓународната заедница ќе ги препознае како модерни тенденции на правосудството во сите земји во ЕУ, а реално имплементирачки овде во Република Македонија.
Пр. 7: Во вашата изјава во Израел велите има голем потенцијал за безбедносна соработка со Израел? Би сакала да знам во што се состои таа безбедносна соработка и во истите рамки прашање, го видовме на екраните на вестите, и Зоран Верушевски беше со вас во Израел. Би сакала да знам во кое својство беше тој со вас?
Зоран Заев: Професорот Зоран Верушевски беше со мене како советник за национална безбедност на Премиерот на Република Македонија. Тој тоа го работи. Ангажиран е од Владата на Република Македонија и токму по таа функција беше присутен заедно со нас каде што одржавме доста квалитетни состаноци со високи претставници на државата Израел. За безбедноста и делот на соработката во безбедноста, зборуваваме за перспективите. Значи не зборувавме за минатото, заради тоа што верувам дека има институции и служби коишто воспоставиле соработка и било што што се однесува на минатото можат взаемно да го расчистат. Ние бевме таму да зборуваме за перспеткивите. Како што знаете, а верувам и дека поголем дел од граѓаните знаат, Израел е значајна точка на регулација на бранот на бегалците кои што доаѓаат токму од тој дел на светот вклучувајќи дури и Сирија, Иран, Ирак, но и од африканските земји. Во тој дел нашите разузнавачки служби треба да разменуваат информации, мораат и системите за безбедност исто така меѓусебно да разменуваат информации заради тоа што преку размената на информации двете земји поуспешно ќе се вградат во колективниот систем за безбедноста. Како што знаете во делот на бегалците многу често е скриен и стравот од можни екстремизми, радикализми и можни тероризми. Било каде. Израел е земја која често знае да биде цел на напади на ваквите терористички активности. Македонија, се надевам, никогаш нема да биде, но не е на одмет да биде скогаш подготвена со вакви искуства кои што може да бидат пренесени од државата Израел во Република Македонија.
https://youtu.be/ZhIdr9OpZMc