(видео) Столтенберг ја пофали Ерменија за испратените војници на Косово

Ерменија е клучен партнер во КФОР речиси 20 години, изјави генералниот секретар на Алијансата

од Бети Божиноска

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој денеска се сретна со ерменскиот претседател Вахан Хачатурјан и со премиерот Никол Пашинјан, го пофали придонесот на Ерменија во операциите на Алијансата како и зголемениот број нејзини војници во мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР), пренесува „Арменпрес“.

„Речиси 20 години, Ерменија е клучен партнер во КФОР, помагајќи да се обезбедат сигурност и безбедна средина за сите заедници во Косово“, истакна Столтенберг.

Тој ги повика Ерменија и Азербејџан да постигнат договор што ќе го отвори патот за нормализација на односите и траен мир, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Алијансата.

„Ова е важно за евроатлантската безбедност бидејќи се соочуваме со се поопасен свет“, рече Столтенберг и нагласи дека Алијансата ги поддржува ерменскиот „суверенитет и територијален интегритет, како и вашите мировни аспирации“.

Столтенберг посочи дека војната во Украина, на која ѝ посвети една третина од обрањањето во Ереван, е потсетник оти „не можеме да го земеме мирот здраво за готово“ и предупреди дека „ако Путин успее во Украина, постои реален ризик неговата агресија да не запре тука и дека ќе поттикне други авторитарни режими. “

Според Столтенберг, Ерменија покажала вистинска посветеност во борбата против корупцијата, зајакнувањето на демократските институции и подигнувањето на владеењето на правото.

Посетата на Столтенберг на Ерменија е последна во низата посети на земјите од Јужен Кавказ.

 

 

Слични содржини