(ВИДЕО) Воскресната Саботажа

од desk4
527 прегледи

На големиот, национален повик за пополнување слободни места, не функционираат врски и протекции а нема влијание ниту социјалниот статус. Секој, кога тогаш ќе го добие тоа што го заслужува, па затоа, приоритет не им се дава на оние чија рака била подолга, туку на тие чија желба за брза заработка била толку голема што сакале да уживаат во холандска комоција.

„Катица Јанева не е сместена во хашкото одделение. Господин Јовановски е таму затоа што дојде прв, да речем, прв дојден прв услужен“.

Бројот на апликанти е во постојан пораст. Претпоставките дека храната, во зависност од сместувањето е разнолика се неточни. Кујната не е сменета. Се јаде од истиот казан а менито има слична содржина. Во принцип, за таму важи животното правило, тоа што си сеел, тоа и ќе жнееш.

„Факт е дека политиката си ја утна работата, се дружеше со погрешни луѓе и за тоа извинете ме на изразот, ќе си го крка“.

Тие стомаци кои не се навикнати на таква исхрана ќе мора да се прилагодат на тој режим. На тие што се надвор тешко им оди да го сварат, камоли на тие внатре, што секојдневно се принудени да имаат такви оброци. Тоа е тешко бреме, кое нивниот кревок желудник сепак не може да го издржи.

„Нон стоп повраќа, нека се смеат, мислам владетелите на правото кога велат дека можеби е труден, па затоа повраќа. Значи, нон стоп повраќа, нон- стоп паѓа“.

Се разбира, тоа не подразбира ниту диета а уште помалку чистење, оти и тоа кај нас веќе станува проблем, бидејќи мажите, се почесто, сакајќи да се фатат за работи кои традиционално не им се во половиот делокруг, фатално страдаат од пустата желба да ја преземат улогата која не им припаѓа.

„Завршуваат на Клиниката за токсикологија поради вдишување, а последните години нема веќе само жени како што беше порано карактеристично, туку и мажи завршуваат после чистење на санитарии“.

Голтањето државна пареа, веројатно до неодамна, не беше видливо поради големиот чад од амазонските прашуми. Акцијата за нивно гаснење придонесе пред очите на јавноста пак да стане визибилна веројатно најневажната позиција на светот, чие најавено повлекување предизвика мал пожар во кругот на најблиските.

„Инаку, во експертските кругови ова се толкува како апсолутен пораз на македонската дипломатија со особен акцент на затворањето на македонската амбасада во Бразилија“.

И на крајот, за уште еден пораз, овој пат на оној што во отсуство на вистинска судница, на јавна сцена и пресуди на нашата емисија, прогласувајќи ја за мртва. За среќа, реалноста е сурова.

„Генерално, шокот беше голем, се уште ги средувам впeчатоците околу тоа“.

За еден судија чија секогаш била последна, веројатно делува вознемирувачки, ама емисиите, за среќа не се АКМИС и тие не зависат од нечија лична желба, туку од конечната пресуда која ја носи публиката. Таа реши. Живот.

Извор: 360 Степени

Слични содржини