(ВИДЕО) Вучиќ нападнат и погоден со камен во Сребреница, делегацијата итно евакуирана…

од desk3
188 прегледи

Српскиот премиер Александар Вучиќ допатува во Поточари за да им оддаде почит на жртвите на масакрот во Сребреница.

Мајките од Сребреница на Вучиќ ми посакаа добредојде, а една од нив на реверот му закачи Сребренички цвет. Српскиот премиер се запиша во книгата на жалоста.

Босанските медиуми ја пренесуваат пораката на Вучиќ непосредно пред доаѓањето во Сребреница во која тој укажа дека Србија јасно и недвосмилено ги осудува ужасните злосторства во Сребреница, дека неговата рака за помирување останува испружена без какви било политики и оти српската Влада сака заеднички живот со Бошњаците.

Вучиќ денеска беше погоден со камен во лицето за време на комеморацијата за одбележување на 20 години од трагедијата во Сребреница, пишува весникот „Блиц“.

Вучиќ и лицата, кои го придружуваа се евакуирани и се на пат кон Белград, додава весникот.

На влезот на гробиштата, каде се погребани посмртните останки на жртвите, разлутена група граѓани ја проби заштитната ограда и се упатија кон Вучиќ и неговата делегација, фрлајќи кон нив со камења, шишиња и чевли.

– Беше страшно, не гаѓаа со што ќе стигнеа, изјави член на делегацијата на Србија.

Според него тие извикувале „Четнику, врати се дома“ и „Алах е голем“..

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, кој исто така присустуваше на комеморацијата му се заблагодари на Вучиќ поради тоа што покажал храброст да дојде во Поточари и додаде дека очекува оти тоа ќе го стори и српскиот претседател Томислав Николиќ.

– Како пријател сакам да му се заблагодарам на премиерот на Србија, кој покажа храборст да биде тука. Важно е тоа да го препознаеме, рече Клинтон, говорејќи на комеморацијата.

Повикувајќи ги лидерите присутни во Меморијалниот центар да работат заедно, Клинтон истакна дека сака во Сребреница да го види и Николиќ, што според него би значело нов почекот.

Тој истакна дека е благодарен дека и по 20 години Босна и Херцеговина е мирна земја.

– Таа е блиску до членството во ЕУ, учесник во мировни мисии. Јас сум благодарен за сето тоа. Но војната која тука ја водев како претседател тогаш и подоцна на Косово беа едни од најважните работи што ги направив, нагласи Клинтон, изразувајќи жалење поради тоа што било потребно толку долго време за да се постигне единство.

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ во обраќањето на комеморацијата изјави дека цврсто верува во помирувањето и нов почеток засновани на вистината, прифаќање на одговорноста и сочувство за страдањата и болката на соседите и сограѓаните.

– Од ова мрачно место за 20. век, каде човештвото ја научи една од своите најболни лекции во име на Хрватска и во свое име, на народите и на сите граѓани на БиХ им посакувам светла иднина, мир, соживот и просперитет. Хрватска е со вас, рече таа.

Заменик-генералниот секретар на Обединетите нации Јан Елијасон им го пренесе денеска сочувството и солидарноста на првиот човек на ОН Бан Ки-мун за сите жртви, кои како што рече, Светската организација и меѓународната заедница не успеале да ги заштитат.

Обраќајќи се на комеморацијата тој посочи дека ОН се повторно обврзани целата вистина за тоа што се случило во тој град во 1995 година да биде откриена.

– Потрагата по оние кои не се пронајдени ќе продолжи, а правдата ќе ги стигне одговорните, додаде Елијасон.

Тој уште нагласи дека омразата не се враќа со омраза и дека сите заедно треба да изградат еден подобар свет и иднина за сите.

Пред присутните се обрати и премиерот на Турција Ахмет Давутоглу, кој порача дека геноцидот кој се случил во Сребреница не смее повеќе никогаш да се повтори, забележувајќи дека „оние кои убиле осум илјади мажи го убиле целото човештво“.

Наведувајќи дека постои и етичка димензија во трагичните случувања од пред 20 години, Давутоглу потсети дека меѓународната заедница не била во состојба да го спречи злосторството.

Давутоглу додаде дека земјите во регионот мора да се обединат во напорите за подобра соработка, не заборавајќи при тоа што се случило во Сребреница, но и да не пропагираат омраза и одмазда.