Србија, БиХ и С.Македонија годинава ќе имаат најнизок економски раст на Западен Балкан, а Црна Гора највисок, покажуваат денеска објавените прогнози на Виенскиот институт за меѓународни економски студии (WiiW).
Виенскиот институт прогнозира раст на бруто домашниот производ (БДП) на Србија во 2023 година од 1,3 отсто, по 2,3 отсто една година претходно.
Во 2023 година, Црна Гора, Косово и Албанија ќе имаат раст на БДП од повеќе од три отсто, од 3,5 и 3,4 и 3,3 отсто соодветно, Босна и Херцеговина ќе забележи раст од 1,5 отсто, а С. Македонија од 1,6 отсто.
На ниво на Западен Балкан, растот на БДП во просек ќе биде 1,9 отсто во 2023 година, 2,8 отсто во 2024 година и малку ќе надмине три отсто во 2025 година, се вели во соопштението на WiiW.
Инфлацијата на Западен Балкан во 2023 година се прогнозира во просек од 9,5 отсто, а највисока е во Србија, 12 отсто, а најниска во Албанија, четири отсто.
Виенскиот институт ги анализираше економиите на 23 земји во Централна, Источна и Југоисточна Европа во извештајот „Летна прогноза: Растот во Источна Европа слабее“.
Слаб раст се очекува во многу економии во регионот, и покрај, како што се вели, импресивната издржливост покажана во справувањето со економските последици од војната во Украина.
Во соопштението на WiiW се наведува дека економиите во регионот продолжуваат да бидат силно оптоварени од високата инфлација, заострувањето на монетарната политика и слабоста на меѓународното опкружување.
Виенскиот институт прогнозира економскиот раст на земјите од регионот кои се членки на ЕУ во просек од 1,2 отсто во 2023 година. Истовремено, членките на ЕУ од Југоисточна Европа, Романија и Хрватска, ќе имаат раст од три, односно 2,5 отсто, а земјите од Вишеградската група само 0,6 отсто во просек.