Википедија слави 23 години постоење

од Vladimir Zorba

Добро познатата семрежна енциклопедија Википедија, која патем секој од нас барем по еднаш ја има посетено и нешто прочитано во неа, полни 23 години постоење. На 15 јануари 2024 година Википедија го слави својот 23-ти роденден, настан кој се одбележува редовно од заедницата која ја создава содржината на оваа енциклопедија.

Википедија е основана на 15 јануари 2001од страна на иницијаторите на оваа идеја, Американците Џими Вејлс и Лери Сангер. Првата верзија на енциклопедијата била објавена само на англиски јазик, но многу набрзо енцклопедијата доживува брз раст и прераснува во повеќејазична енциклопедија. Денес Википедија и нејзините содржини се достапни на 326 јазици, сите слободни за употреба за непрофитни и образовни цели.
Македонската верзија на Википедија е започната во септември 2003 година од мала група македонски волонтери. Првите статии на македонски јазик на Википедија биле скромни во однос на квантитетот, но набрзо енциклопедијата се збогатува со содржина и бројот на уредници забележува голем пораст. Денес оваа јазична верзија на Википедија брои над 140.000 статии на македонски јазик, приготвени и средени во енциклопедиски формат од македонската заедница на Википедија.

Роденденот на Википедија традиционално се одбележува во сите држави и региони каде постои волонтерска Вики-заедница. Во Македонија роденденот се одбележува секоја година на 15 јануари како дел од глобалниот сет на настани поврзани со роденденот. Прославата за роденденот на Википедија во Македонија е организиран од здружението „Викимедија МКД“, локален македонски огранок на „Фондацијата Викимедија“ која делува во рамките на државата за промовирање, подобрување, креирање и умножување на слободни содржини за непрофитни цели.

23-от роденден на Википедија се прослави во Скопје на 15 јануари 2024 година во организација на Викимедија МКД.

Слични содржини