Претседателот на Советот за утврдување факти, Сашо Поцевски, вината за нивната неажурност ја префрли на Министерството за одбрана на претходната Влада и Зоран Караџовски. Според него, од 1000 направени претставки, до Судскиот совет биле испратени три, но од таму не донеле никаква пресуда, а извештаите за нивната работа не биле испратени до јавноста поради тоа што немале веб-страница која требало да им ја изготви Министерството за правда.

– Советот е основан на почеток на 2015 година, но се конституиравме на 17 декември 2015 година поради тоа што немавме простории. Советот се состои од тројца пензионирани судии, тројца пензионирани јавни обвинители, двајца пензионирани универзитетски професори и еден адвокат, но ни недостигаат двајца професори. Избрани сме на непосредни тајни избори, судиите ни ја дадоа довербата, рече Поцевски, пренесе а1он.
Инаку, тој го промовира Советот за утврдување факти дури сега, кога му се заканува укинување како што се препораките од Венецијанската комисија и како што побара претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Тој на брифинг со новинарите рече дека помеѓу првите барања кои ќе ги достават до новата влада ќе биде укинување на Советот.
Членови на Советот се пензионираните судии Фатум Пачаку, судија од врховен суд, Јордан Лазаров, претседател на Основниот суд во Велес, Злата Стамболиска од Управниот суд, пензионираните јавни обвинители Иван Јакимовски, Крсте Секуловски и Фетај Сени, пензионираниот универзитетски професор Симеон Гелевски и пензионираниот адвокат и претседател на Советот, Сашо Поцевски.