Виолинистот Репин и пијанистот Коробеиников за крај на музичката програма на „Охридско лето“

од Vladimir Zorba
94 прегледи

 

Музичката програма на годинешното издание на „Охридско лето“ ќе биде заокружено со концерт на виолинистот Вадим Репин и пијанистот Андреј Коробеиников, кои важат за едни од најголемите руски уметници на денешницата.timthumb (24)

Најавувајќи го вечерашниот концерт селекторот на музичката програма на Фестивалот Гордана Јосифова – Неделковска истакна дека голема креативна енергија се насочува кон изборот на уметници за свеченото отворање, но и за затворање на музичкиот дел на програмата на фестивалот.

– Тоа го потврдува фактот што изминативе години последниот концерт беше резервиран за Александар Рудин, Сара Ченг, Борис Березовски, Илја Гринголтс, Немања Радуловиќ, Максим Венгеров и многу други извонредни уметници. И овој 19 август не очекува ексклузивен концерт со настап на музичката легенда Вадим Репин заедно со фасцинантниот пијанист Андреј Коробеиников. Имињата на овие врвни уметници без сомнение ќе бидат запишани во ова 56-то издание на фестивалот, вели таа.

Селекторката за годинешното фестивалско издание рече дека минало во знакот на успешната реализација на проектот – летна академија, како особен белег на 56-тото „Охридско лето“ што ќе биде заокружен со семинарот на големиот уметник и педагог Вадим Репин.

Рускиот виолинист Вадим Репин на музичката сцена се појавува многу млад. Само до 17 годишна возраст во својата биографија запишува голем број награди на национални и интернационални натпревари, вклучувајќи го и Златниот медал на натпреварот „Wienawski“ кој го добива на само 11 години. По ова следат голем број турнеи низ повеќе земји во Европа, Азија и Соединетите Американски Држави, каде настапува со најзначајните оркестри (Лондонскиот симфониски оркестар, ХНК оркестарот од Токио) и најистакнатите диригенти (Валери Гергиев, Владимир Јуровски, Владимир Ашкенази). Како камерен изведувач соработувал со голем број музички имиња, меѓу кои и познатиот руски пијанист Николај Лугански и извонредната аргентинска пијанистка Марта Аргерич.

Има снимено повеќе компакт – дискови. Во соработка со Warner Classics ги снима најзначајните руски виолински концерт на Дмитри Шостакович, Сергеј Прокофјев и Петар Илич Чајковски. За Deutsche Grammophonснима дела од Лудвиг ван Бетовен, Јоханес Брамс, Петар Илич Чајковски, Сергеј Рахманинов, Едвард Григ, Леош Јаначек и Цезар Франк. За овој албум, во 2011 година ја добива престижната BBC Music Award.

Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и француската најпрестижна музичка награда за животна посветеност на музиката – наградата „Victoire d’Honneur“. Во 2014 година Репин станува професор на Конзерваториумот за музика во Пекинг, а во 2015 година и на Конзерваториумот во Шангај, благодарение на неговата работа со млади музичари.

Андреј Коробеиников е руски пијанист, кој својата богата кариера ја започнува уште на 8-годишна возраст, кога го изведе својот прв рецитал во Баку, Азербејџан. Оттогаш тој постојано настапува низ целиот свет (Бразил, Канада, Кина, Америка, Русија, Колумбија, Чешка, Данска, Германија, Латвија, Монако, Јужна Африка, Турција, Австрија, Белгија и др.), каде што соработува со голем број реномирани диригенти, како што се Јуриј Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович и др.

И покрај тоа што најчесто настапува како солист, камерното музицирање е посебна страст на Коробеиников. Досега соработувал со некои од најголемите виолинисти на денешницава, меѓу кои: Вадим Репин, Дмитриј Махтин, Алина Ибрагимова, потоа – виолончелистите Александар Књазев, Јоханес Мозер, Татјана Василева, пијанистите Борис Березовски,  Александар Палеј, Икујо Накамичи и др. Задоволство да свират со уметник како Коробеиников, имале и голем број светски признаени оркестри, како Лондонскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Франција, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Чешкиот филхармониски оркестар, Токискиот филхармониски оркестар и многу други.

Коробеиников бил учесник на повеќе престижни фестивали, како „Ла рок дантерон“ („La Roque d’Anthéron“) и „Фестивал д радио Франс е Монпелје“ („Festival de Radio France et Montpelier“) во Франција, „Кларафестивал“ („Klarafestival“) во Белгија, „Јанг jуро класик“ („Young Euro Classic“) во Германија, „Вајт најтс“ („White Nights“) и „Нортерн флауерс“ („Northern Flowers“) во Русија и др.

Во 2000 година бил избран за доживотен член на одделот за уметност на Интернационалната академија на науките во Сан Марино. Добитник е на голем број награди и признанија, меѓу кои прва награда на третиот интернационален натпревар за пијано „Александар Скрјабин“ во Москва, како и втора награда на вториот интернационален натпревар за пијано „Сергеј Рахмањинов“ во Лос Анџелес.

На програмата на вечерашниот концерт што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот се дела на Клод Дебиси, Сергеј Прокофјев, Игор Стравински и Петар Илич Чајковски.