Вирусот зема замав, можни се краткотрајни затворања

од Берта Китинска
415 прегледи

Забрзано се шири бројот на заболени од Ковид 19 во земјава. Министерот за здравство се надева дека мерките задолжителното носење маски на отворено, забраната за групирање и скратеното работно време за угостителите, ќе да даде резултати.

Денеска ќе се знае дали Комисијата за заразни болести ќе предложи нови рестриктивни мерки.

„ Согласно оној циклус за три до четири недели од пренос на вирусот, детекција, евентуален развој на болеста кај носителите на вирусот овој период кој што доаѓа од некаде две недели, сепак би требало да даде некаков резултат во смисла на намалување на новодијагностицирани пациенти“, вели Венко Филипче.

Комисијата за разгледување на нови дополнителни мерки ќе одлучува на состанокот в понеделник, за да се даде време да се утврди дали мерките кои се веќе на сила даваат резултат.

-Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно после викеднот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд, велат од министерствот за здравство.

Расте бројот на пациенти кои имаат потреба од болничко лекување

Според вчерашната статистика на Министерството, бројот на хоспитализирани поради ковид-19 е 1 111 лица.  И покрај напливот на пациенти, здравствените власти уверуваат дека во болниците има слободни места.

Од таму посочуваат дека во моментов има доволни слободни места на интерните клиники во Скопје и околу 90 слободни места во болниците во внатрешноста. Дополнителни места се очекуваат да се ослободат по исписсите на оздравените пациенти.

„Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, се вели во соопштението.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска најави дека се прави план за да се редуцира работата на другите оддели во болниците, за што поголем број медицински лица да се ангажираат во лекувањето болни од ковид-19.

Министерот уверува дека истовремено ќе продолжи да функционира системот „Мој термин“ за закажување прегледи и интервенции за пациенти со други болести.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 47050, бројката на оздравени пациенти е 27364, на починати е 1305, а бројот на активни случаи изнесува 18381.

Слични содржини