Витанов: Како што е дефиниран британскиот кредит, јас би го земал без двоумење макар два милиони луѓе да не ме поддржуваат

од Nikola Popovski
2,1K прегледи

Оперативниот план за вработување вреден 40 милиони евра, треба да обезбеди работа за 16 илјади невработени, да ја намали невработеноста, да обезбеди ефективен пазар на трудот. Според премиерот Христијан Мицкоски во фокусот се младите, долгорочно невработените и загрозените категории на граѓани. Од вкупниот број, 12.537 лица ќе бидат вклучени во активни мерки, а 3.520 во услуги поврзани со вработување. Планот предвидува и дел за млади. Сеопфаќаат две главни точки, а првата е директна поддршка за старт-ап бизниси на млади.

Во јавноста постои и друга теза, со оглед на тајмингот за Планот во изборна година. Се поставува прашањето дали претставува помош, поткуп или партизација пред избори? Сето ова е во денови кога Собранието го изгласа Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија и заемот од 6 милијарди евра. Дел од експертите не сметаат дека намерата на Владата е поткуп бидејќи велат има поголем рејтинг од опозициските партии. Според економистот Зоран Витанов, владеачкото мнозинство има 4 пати поголем рејтинг од збирната опозиција и со тоа само би си нанеле сопствена штета.

-Би си скокнале на стомак. Баш напротив, Влада која што има толкава доминантна предност по сите анкети на неколку месеци пред изборите, најмалку што ѝ треба е некакво купување на гласови како што велите вие. Мислам дека се работи за некоја чесна намера, ама ќе се воздржам од коментар за самиот квалитет на програмата бидејќи не ми е познат, вели Витанов за „Локално“.

Во однос на британскиот заем, соговорникот вели дека го поддржува доколку Владата навистина го намени за капитални инвестиции. Вели дека малку се парите во однос на тоа што е потребно.

-Целата рамка да се искористи затоа што навистина каматата е поволна. Само со хидроелектраните Чебрен и Галиште, Македонија ќе заработува најмалку 5% од инвестицијата годишно. Што значи дека земјава ќе има „подарок пари“ од економски гледан аспект. Тоа економистите го викаат „Other people’s money for self benefit“. Исто така се најави и изградба на Клинички центар во Штип. Доколку се најде и други такви меки кредити со каматна стапка од 1,5% годишно да ги користи затоа што Македонија само со квалитативен развој на инфраструктурата може да очекува поголем економски раст на БДП. Ние без 10% годишно не можеме да го фатиме чекорот со развиениот свет, бидејќи многу години тапкавме во место, посочува Витанов.

Економистот се задржува на јавното мислење, но и кај дел од експертите дека Македонија не треба да се задолжува. Напротив, вели тој, кредитот е како оган – може да те изгори, но ако знаеш да го менаџираш, може да те грее.

-Секое семејство има свој оган во својата куќа зимно време, но го менаџира. Така и овде. Бидејќи ние кажуваме дека овие пари ќе се наменат за капитални инвестиции и дека каматните стапки се толку атрактивни како што ги најавија, ова дефинитивно ќе не грее. Нормално доколку нема злоупотреби, иако се навикнавме на нив во изминатите дефиниции. Сепак, по дифолт како што е дефиниран кредитот, јас би го земал без двоумење, макар два милиони луѓе да не ме поддржуваат во ова, оценува Витанов.

Премиерот вчера најави дека со план се опфаќаат две глави точки. „Првата е директна поддршка за старт-ап бизниси на млади, втората работа е организиран пристап во сузбивањето на пожари за што ќе се вработат 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животна средина на локално ниво“, вели Мицкоски.

Оперативниот план предвидува поддршка за самовработување на 610 лица над 29 години, поддршка за вработување на 150 лица со попреченост, обука на работно место кај конкретен работодавец, од 245 невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување. Како и обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот за 600 невработени лица. За новиот оперативен план за вработување одвоени се 7,5 милиони евра повеќе во споредба со лани. Со најавените инвестиции, премиерот Мицкоски очекува неврабетноста до крајот на годинава да е намали на 9 проценти.

Од Владата рекоа дека вкупната каматна стапка за заемот од договорот со Обединетото Кралство ќе биде пониска од маргината 4,5 проценти СДСМ велат дека од политички аспект развивањето на партнерството го поддржуваат заемот, но се сомневаат во договорот тежок 6 милијарди евра. И деталите во англиската верзија се проблематични, според најголемата владеачка партија. Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со овој договор ќе се остварат голем број капитални инфраструктурни проекти, важни за државата. И средствата ќе се враќаат кога секој проект поединечно ќе почне да функционира. Ниту Европскиот фронт не е против задолжувањето, но, велат условите под кои е потпишан договорот треба да бидат објавени во јавноста.

На 22-ри мај во Лондон, во име на македонската влада, договорот го потпиша вицепремиерот Александар Николоски.

Н.П.

Слични содржини