Влада: Заев ги продолжува консултациите, се носат одлуки согласно највисоките државни интереси

од Vladimir Zorba

Премиерот Зоран Заев ги продолжува консултациите на различни нивоа во владата и се уште нема никаква одлука, вели во кратка изјава за Локално владиниот портпарол Мухамед Хоџа.

 

Од владата испратија и соопштение, во кое велат дека доколку има некакви одлуки, тие веднаш ќе бидат соопштени на јавноста.

„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во текот на денот спроведува интензивни  консултации на различни нивоа, имајќи ги предвид заклучоците донесени на Европскиот совет со кои се одложува носењето одлука за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија со Европската Унија. Низ текот на консултациите, одлуките се носат исклучиво согласно највисоките интереси на државата и на граѓаните. Штом бидат донесени какви било конечни одлуки, истите веднаш ќе бидат изнесени пред јавноста“, велат од владата.

Заев денеска разговарал со челниците на владите на Германија, Шведска, Бугарија, Словенија и Малта, но и со други европски лидери, како и еврокомесарот Јоханес Хан, кои пак му дале јасно признание за сите чекори кои ги презеде С. Македонија, но и дека овојпат грешката е на Европската Унија.

„Од сите европски лидери стигна јасна порака со поддршка, за Северна Македонија и граѓаните да продолжат по патот на реформите и интеграциите. Европските лидери оддадоа јасно признание и потврда за сите чекори кои ги презеде Северна Македонија и потенцираа дека земјата и граѓаните беа целосно подготвени за почеток на преговорите, но дека неколку земји на ЕУ не биле подготвени за тоа“, соопштуваат од владата.

Соопштението кое владата го испрати до медиумите доаѓа кратко откако италијанската агенција „АНСА“ објави дека Заев поднел оставка, повикувајќи се на извори од Брисел.

А.Т.

Слични содржини