Владата ја поништи листата на кандидати за судија во Стразбур

од Nikola Popovski
21 прегледи

Владата ја поништи листата со тројца предложени кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. На листата се наоѓаа обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелација, Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.

Како причина за одбивањето се наведува дека кандидатите не ги исполнувале предвидените услови. Владата формира нова комисија со 5 члена, наместо претходните девет.

„Проценката на Владата се темели на објективна анализа на исполнетоста на формалните и суштинските критериуми утврдени според стандардите и практиката на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права. Во оваа фаза не би било соодветно да се коментираат поединечни кандидатури, од почит кон интегритетот на процесот и личниот и професионален интегритет на сите номинирани“, велат во Владата.

Во одлуката за формирање на комисијата е наведено дека предлогот за избор на тројца кандидати треба да биде доставен до Владата, по добивање мислење од советодавниот панел на експерти при Советот на Европа.

Македонската влада ја почна постапката за избор на кандидати за судија во Стразбур во првото тримесечје од годинава бидејќи во февруари 2026 година истекува мандатот на актуелниот македонски судија во Стразбур. Последна, деветта година, служи Јован Илиевски, поранешен шеф на ОЈО за ГОКК, универзитетски професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Слични содржини