Владата конечно се сети да интервенира поради високите цени на горивата

„Владата утре во 12 часот ќе има седница на која ќе се донесат вонредни мерки“, велат од „Илинденска бр.2“

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Сител

Владата за утре во 12 часот напладне закажа седница на која треба да се донесат вонредни мерки за ублажување на ценовниот скок на горивата.

„Цените на светските нафтени берзи растат, што се очекува дополнително да се одрази на домашната цена на горивата. Иако на бензинските станици во земјава има убедливо најевтини горива во споредба со регионот се очекува во понеделник да има дополнителен раст на цените на дизелот и на бензините. Заради тоа Владата утре во 12 часот ќе има седница на која ќе се донесат вонредни мерки за борба против високите цени на бензините со кои ќе се ублажи ценовниот скок“, брифираат од Владата.

Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) од 16 март, највисоките малопродажни цени се: 92 денари дизел; 86,5 денари за бензин Еуросупер 95; 88,5 денари за Еуросупер 98.

Компанијата „Макпетрол“ во понеделникот како најдобро решение за надминување на проблемот за сите засегнати страни предложи замрзнување на набавните цени на нафтените деривати, а со тоа и на малопродажните цени, како што е пракса во Европа.

СДСМ бараше од Владата итно да ги прифати нивните мерки како намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за 4 денари по литарки, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, како и преполовување на цените на патарините.

САД се обидуваат да ја стабилизираат цената на нафтата што достигна до 120 долари за барел, со едномесечно отстранување на санкциите за 140 милиони барели иранска нафта во транзит.

Доколку цената на нафтата се зголеми за 40 насто, инфлацијата би се искачила на 10 насто. Тоа би повлекло и зголемување на каматните стапки и цената на храната.

Слични содржини