Владата на Груевски слеала милиони во регионалните телевизии

од Aleksandar Todeski

Телеканал А1, ХДТВ Канал Плус, ХДТВ Мега, ТВ Кобра Радовиш. Ова се само дел од регионални медиуми на чии сметки биле редовно пуштани владини пари. Во периодот од јануари 2010 година до јуни 2016 година, на сметките на дел од локалните телевизии, владата на експремиерот Никола Груевски префрлила 1.329.472 евра во само четири регионални телевизии, пишува Стандард.

Телеканал А1 зела вкупно 398.382 евра, пари на граѓаните. Сумата која владата ја давала за телевизијата низ годините се движела од 1.235 денари до неверојатни 4.612.500 денари. На сметката на оваа телевизија пари се префрлале како вландовска Телевизија ВТВ, а потоа и како ребрендираната Телеканал А1 со седиште во Струмица.

Државни пари земала и телевизијата ХДТВ Канал Плус, пред ребрендирањето позната како Телевизија Д1 од Делчево. Владата на оваа телевизија за 5 и пол години и исплатила 413.644 евра, или 25.430.717 денари.

Телевизијата Боем од Кичево, подоцна купена од скопска фирма и преименувана во ХДТВ Мега од државни пари зела 411.041 евра. На сметката на оваа телевизија во 2012 година пари легнале и од Министерството за внатрешни работи, вкупно 10.539 денари.

Владата на Груевски поделила пари и на телевизијата Кобра од Радовиш. На нејзина сметка легнале 106.405 евра или 6.541.782 денари. Речиси сите од телевизиите кои зеле државни пари беа ребрендирани помеѓу 2014 и 2016 година.

По падот на власта на Груевски, најголемиот дел од овие медиуми престанаа со работа. Телеканал А1, која веше во сопственост на Емил Парнаџиски, без дозвола за емитување на програма остана на почетокот на 2018 година, поради немање основни услови за работа. Програма не емитуваат ниту ХТДВ Мега и ХДТВ Канал Плус, кој беа купени од страна на Горан Митев, а кој додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, покажуваше висок приход во телевизиите, за потоа наеднаш да влезе во финансиска криза.

Слични содржини