Владата информира дека издвоени се 1 милијарда денари за исплата за заостанати субвенции за земјоделците. Истакнуваат дека над 9.000 земјоделци ќе ги добијат своите заслужени средства како поддршка за своето производство.
Според владината прес-служба, кај дел од нив се доцни дури 4 години со исплатата.
-Првата одлука на оваа Влада беше со ребалансот да се обезбедат средства и до крајот на годината нема да има субвенции со кои се доцни кај земјоделците. На овој начин се исправаат и неправдите кон земјоделците кои со својот труд печалат за себе и своите семејства, наведуваат од Владата.
Со реакција веднаш се огласија од СДСМ. Тврдат дека Владата на Христијан Мицкоски покажала тотална неспособност до тој степен што месец дена по усвојувањето на ребалансот уште не се објавени програмите и не се исплатени субвенциите.
-Селективните и нередовни субвенции и долгови кон земјоделците се одлика на времето на ДПМНЕ. Тие тоа го паметат. Во 2017 , а не денес, субвенциите за земјоделците се исплаќаа на два дена пред избори и се доцнеше 4, 5 па и 6 години. Пример во 2017, Владата на СДСМ исплаќаше субвенции и огромни долгови за 2012 и 2013 година.
Лага е дека ќе се исплаќаат субвенции од претходните 4 години. Денес , со една милијарда од ребалансот нема да се исплаќаат долгови за претходни години туку субвенции по тековни барања од 2023 година, стои во партиското соопштение на СДСМ.