Нови, построги мерки најави министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес конференција, откако денеска до 12 часот се откриени девет новозаболени со коронавирусот. Вели, и покрај сите мерки, препораки и апели, граѓаните се уште во групи излегуваат, па затоа ќе мора да се преземат постоги мерки.
На денешната седница на владата се разгледува и планот на Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата, за спроведување на најстроги рестриктивни мерки против ширењето на вирусот, односно најава за полициски час во земјава, по примерот на многу земји во кои драстично се зголемил бројот на заразени од коронавирусот.
Владата разгледува план за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст, а неофицијално, рестрикциите во најголема мера ќе се однесуваат на новото жаритше на вирусот, односно Скопје.
Од вчера на сила е мерката за лицата кои не се придржуваат до самоиолацијата, а кои доколку бидат нотирани, ќе бидат префрлени во државен карантин.
„Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка. За ова, се задолжува Министерството за правда, во соработка со Министерство за здравство да подготви соодветна уредба со законска сила во која правно ќе ја нормира целокупната постапка за спроведување во државен карантин“, извести владата.
Мерките доаѓаат откако последните денови ширењето на вирусот зеде замав, а голем дел од граѓаните не ги почитуваат мерките и препораките донесени од владата.
А.Т.