Владата на Република Македонија денеска објави оглас за финансиска поддршка, во вкупен износ од 50 милиони денари, односно околу 800.000 евра, на активности на здруженија на граѓани и фондации.
Според огласот, објавен во весникот „Дневник“, грантовите се поделени во две категории.
Грантови во износ од 1.845.000 денари (30.000 евра) до 3.075.000 денари (50.000 евра) или вкупно 36.9 милиони денари или 600.000 евра ќе се доделат на проекти за борба против корупцијата, владеење на правото, демократија, човекови права, добро владеење, социјална кохезија и локална самоуправа. Потоа за проекти од областа на здравството и здравиот начин на живот, економски развој, одржлив развој, рурален развој, култура и традиции, потоа проекти за млади, семејство и семејни вредности, како и за евроинтеграции, нови технологии, социјални медиуми, нови медиуми и информатички технологии.
Втората категорија, за кој се предвидени помали грантови од 5.000 до 10.000 евра, или вкупно 213.000 евра, се проекти за зголемување на економскиот раст и на вработеноста, за интеграција на Македонија во Европската Унија и во НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, и за проекти за инвестирање во образованието, иновациите и информатичката технологија.
Овој оглас практично пред 3 месеци го најави поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој во „мегаинтервјуто“ за интернет изданието на неделникот „Република“.
– Секоја влада во секоја држава одвојува посериозни средства за граѓанскиот сектор, без притоа да влијае на неговата работа. Кај нас, потфрливме на тој план, и тоа е секако првата, а би рекол и најважна мерка во планот за десоросиозација на општеството како што кажавме во нашиот предлог. Мора да се најадат средства, да се помогне да се развие независен граѓански сектор во Македонија. Несмее граѓанскиот сектор во иднина да остане само во рацете на Сорос и на странски влади – изјави Груевски во интервјуто.
Огласот на Владата за финансирање на граѓански здруженија и фондации доаѓа и 3,5 месеци по говорот на Груевски на протестот пред Државната изборна комисија, од каде го објави прогласот на партијата и најави десоросоизација на невладиниот сектор во земјава.
– Ќе се бориме за десороизација на Република Македонија, и јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и НВО, по теркот на најнапредните демократии во светот – рече тогаш Груевски.
Инаку, огласот доаѓа и во време на Влада чии овластувања се доведени под знакот на сомнеж, бидејќи е предводена од тхенички премиер, кој како и дел од министрите истовремено се и во извршната власт и се пратеници во Собранието на Република Македонија.