Владини претставници присуствуваа на света божествена литургија по повод Божик – денот на Христово раѓање

од Марта Пешевска
112 прегледи

 Владина делегација предводена од Заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерката за правда, Рената Дескоска и министерот за финансии, Драган Тевдовски, присуствуваше на  централната свечена божествена литургија во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, по повод празникот Христово раѓање – Божик.

Утрово, Заменик претседателот на Владата на РМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со директорот на Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, Дарио Сотировски, присуствуваше на Божикна литургија во соборниот храм “Св. Богородица” во Гостивар, додека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски присуствуваше на литургија во црквата “Свети Димитрија” во Крива Паланка, по повод празникот Христово раѓање – Божик.

Со присуството на своја делегација и претставници на овој свечен празничен чин, Владата на Република Македонија се придружува на прославувањето на Христовото раѓање заедно со сите православни христијани и упатува честитки по повод празникот Божик.

Премиерот Зоран Заев заедно со сопругата Зорица изутрината присуствуваше на божествена литургија во црквата „Свети Леонтиј“ во манастирот Водоча кај Струмица.

– На Божик, во храмовите се потсетуваме да ги отвориме срцата за да ја примиме радоста од Христовото раѓање која што нѐ исполнува во овие свечени денови. Радоста да им ја посакаме и подадеме и на другите, блиските, најсаканите, и заедно да го преобразиме злото во добро. Христос се роди!, објави премиерот Зоран Заев на својот ФБ профил.