Владиниот состав ќе биде познат пред Конгресот на СДСМ

од Vladimir Zorba
104 прегледи

Новиот владин состав треба да биде познат денеска, пред одржувањето на 22. Конгрес на СДСМ, што треба да се одржи во сабота.

Како што најави мандатарот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска ќе биде договорен новиот владин состав. Потоа списокот со кандидатите на новата извршна власт заедно со програмата за работа ќе биде испратена до Собранието, а следната недела ќе биде избрана.

Деновиве партиите од мнозинството се среќаваа за да ја договорат поделба на ресорите и за утврдување имиња меѓу партиите. Последните со кои разговараше Заев, беа Алијанса за Албанците на Села и движењето Беса.

Села вчера изјави дека, без разлика дали ќе влезат во новата влада, ќе му дадат целосна поддршка на мандатарот Заев да раководи со државата.

Од БЕСА, уште не се изјасниле дали ќе бидат дел од Владата, но доставија нова листа принципи со кои го условуваат учеството во власта. Имено, тие бараат во власта да нема луѓе за кои Специјалното јавно обвинителство води постапки и рокови за донесување некои закони, како на пример законот за јазиците и за редефинирање на државата.

Во СДСМ се вршат последните подготовки за 22. Конгрес на СДСМ, кој ќе се одржи утре во хотелот „Александар Палас“. Се очекуваат повеќе од 700 делегати кои ќе гласаат за лидер на партијата, а засега мандатарот Зоран Заев е единствениот кандидат за претседател на партијата.

На конгресот ќе се избира и нов состав на Централниот одбор на партијата. На актуелниот, мандатот му истекува следниот месец.