Процесот за укинување на таканаречената Пржинска, односно техничка влада, повторно ја отвори една од најчувствителните институционални теми во македонскиот политички систем: балансот меѓу изборната доверба и политичката стабилност.
Иако формално станува збор за законски измени, суштината на дебатата оди подлабоко, односно се поставува прашањето дали државата конечно излегува од режимот на политичка недоверба, или ризикува да го отстрани еден од ретките механизми што барем симболично гарантираат фер избори?!
Според висок владин функционер со којшто разговаравме, измените на Законот за Влада ќе бидат доставени до Собранието „уште денеска, а најдоцна следната недела“.
Планот, како што открива нашиот соговорник, е техничката влада да се примени уште еднаш на следните избори, по што „дефинитивно ќе замине во историјата“.
Ваквата формулација јасно покажува дека Владата се обидува да оди чекор по чекор, без нагло сечење на моделот што беше воведен како кризно решение.
Техничката влада, создадена по Договорот од Пржино, никогаш не беше замислена како трајно институционално решение. Таа произлезе од длабока политичка криза, недоверба меѓу партиите и сериозни обвинувања за злоупотреба на државните ресурси во изборен контекст.
Во тој период, нејзината функција беше јасна: да обезбеди минимални услови за фер избори, преку вклучување на опозицијата во клучните ресори и ограничување на моќта на власта во предизборниот период.
Десетина години подоцна, прашањето што се наметнува е дали тие околности сè уште постојат.
Владините аргументи, барем неформално, се движат во насока дека државата не може бесконечно да функционира со „привремени“ модели, дека институциите се зајакнати, а изборниот процес е подобро регулиран и надгледуван.
Од таа перспектива, укинувањето на техничката влада може да се чита како сигнал за политичка нормализација.

Фото: Фејсбук
Но, сликата не е едноставна. Опозицискиот СДСМ јавно се изјасни против укинувањето, оценувајќи дека без широк политички консензус ваков чекор може да ја продлабочи недовербата во изборниот процес.
ДУИ, пак, засега внимателно калкулира, чекајќи сигнал од меѓународните партнери пред да заземе јасен став, а тоа упатува дека ова прашање сè уште има и надворешна димензија.
Од друга страна, ЗНАМ, Вреди и Левица по лидерската средба застанаа зад идејата за укинување, оценувајќи дека техничката влада ја надживеала својата улога.
Од аналитички аспект, задржувањето на техничката влада уште за следните избори може да се толкува како компромисно решение. Тоа ѝ дава време на политичката сцена да се подготви за целосно напуштање на моделот, а истовремено избегнува нагли промени во пресрет на изборен циклус.
Воедно, се остава простор за тестирање на тезата дека државата е подготвена за „редовни“ избори без дополнителни безбедносни механизми.
Ризикот, сепак, останува. Доколку укинувањето на техничката влада се спроведе без јасна замена, тоа би се случило преку засилени контролни механизми, појасни санкции за злоупотреби или поголема улога на независните институции, тогаш може да се отвори простор за нови политички сомнежи и конфликти. Историјата покажува дека довербата во изборите не се гради само со законски измени, туку и со политичка култура и практика.
Од друга страна, продолжувањето на техничката влада во недоглед исто така носи цена. Таа создава впечаток на трајна политичка криза и ја релативизира способноста на институциите да функционираат без „надзор“ од опозицијата.
Во таа смисла, нејзиното укинување може да биде логичен чекор, но само ако е резултат на реална, а не декларативна стабилизација на политичкиот систем.
Затоа, суштинското прашање не е дали техничката влада ќе замине во историјата, туку како ќе замине. Доколку тоа се случи со јасен политички договор, институционални гаранции и постепен преод, тогаш процесот може да се оцени како чекор напред.
Ако, пак, укинувањето се перципира како наметнато решение без консензус, тогаш ризикот е повторно да се врати дебатата за легитимноста на изборите – тема што Македонија веќе добро ја познава.
Б.Т.