Државната изборна комисија по прегласувањето во 7 избирачки местa, го соопшти распоредот на пратеничките мандати. Коалицијата ВЛЕН добива еден мандат повеќе во шестката, на сметка на Европскиот фронт, а во 5-та изборна единица состојбата со пратенички мандати останува непроменета.
„Во изборната единица 6, коалиција ‘Европски фронт’ има освоено вкупно 53 731 глас, односно осум мандати, а коалицијата ‘Вреди’ 47 849 гласа или осум мандати“, соопшти претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Во ИЕ 5 коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 74.287 гласови или 10 мандати, коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ има 27.278 гласови или четири мандати, коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ доби 26.668 гласови или три мандати, Левица има 9.850 или еден мандат, коалицијата „Вреди“ 10.793 еден мандат и ЗНАМ 8.671 или еден мандат.
Со неофицијалните резултати, ДУИ сега има 18 пратенички места, а ВЛЕН со добиениот плус еден 14 народни избраници. СДСМ исто така остана на 18, а ВМРО – ДПМНЕ останува на 58 освоени мандати во идниот парламент кој се очекува да се конституира следната недела. ЗНАМ на Максим Димитриевски и Левица на Димитар Апасиев освоија по 6 мандати за следниот собраниски состав.
Течат роковите за приговори до петок во 22 часот.