ВМРО-ДПМНЕ без одлука дали ќе се појават на средбата за Законот за Јавно обвинителство

од Aleksandar Todeski
339 прегледи

Неизвесно е дали опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе се појави на утрешната средба на работните групи за Законот за Јавно обвинителство, која на својот Фејсбук профил ја најави министерката за правда, Рената Дескоска.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски за Локално вели дека ќе имаат координација на која ќе одлучат за чекорите кои ќе ги преземат, откако минатиот петок на средбата се задржаа одвај десетина минути, а на прес-конференција појаснија дека нивниот нов ултиматум за учество на средбите е присуството на Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

Дека ќе присуствуваат на средбата, за Локално потврдија од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, чии пратенички, Нола Исмајлоска-Старова и Владанка Авировиќ беа присутни и на средбата на работните групи за Законот за Јавно обвинителство минатиот петок.

Од владејачката СДСМ пак, ја повикаа опозициската ВМРО-ДПМНЕ да учествува во имплементирање на предлозите кои беа изнесени на Јавната дебата која два дена се одржуваше во Собранието, на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

„Ние остануваме отворени за аргументирани забелешки. Овој состанок ќе биде уште една прилика за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да присуствуваат во пишувањето на финалната верзија за Законот за ЈО и да ги инкорпорираме измените. После Јавната дебата и пораките на меѓународните претставници, јасно е дека Законот е важен за европската иднина на државата и секое попречување на Законот е криење од правдата и оддалечување на македонските граѓани од европското семејство“, рече на прес конференција пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов.

На средбата ќе учествуваат претставници од пратеничките групи на партиите, а засега неизвесно е само присуството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

А.Т.

Слични содржини