ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и Заев треба да знаат дека ниту една лидерска позиција нема да ги спаси од одговорност за злоупотребите

од Nikola Popovski
262 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ продолжи со нападите кон новоизбраниот лидер на СДСМ, Венко Филипче. Преку соопштение порачаа дека „членовите и функционерите на партијата кажуваат дека СДС е заробена партија, дека изборите за претседател биле компромитирани и не биле демократски, со бројни забелешки и злоупотреби“.

Партијата на власт упати и предупредување до Филипче, но и до екс-лидерот на партијата и поранешен премиер, Зоран Заев.

-Филипче и Заев треба да знаат дека ниту една лидерска позиција нема да ги спаси од одговорност за злоупотребите кои се случија во нивниот мандат. Јавноста уште ги памети скандалот со набавката на вакцини, крвавиот тендер, обидите да се приватизира јавното здравство и на крајот катастрофата со модуларната болница. Овие скандали кои чинеа не само милиони евра, туку и човечки животи се резултат на двоецот Заев – Филипче, кој сега покажа дека ја имаат киднапирано партијата за да биде нивна маша, се вели меѓу другото во партиското соопштение на владеачката партија.

Новиот претседател на СДСМ синоќа во дебатна емисија порача дека табори во СДСМ повеќе нема да постојат, бидејќи секој член ќе биде слушнат. Според него, „луѓето одат во табризација и се групираат во табори тогаш кога не им се слуша гласот“.

-Тоа е мојот план и сметам дека тоа е главната работа што треба да се направи. Тоа го кажуваат самите членови, тоа е на нивно барање. Честото состанување практично е лекот да се стигне до тоа, односно како што јас велам ќе направам реформа на менталитетот, истакна Филипче.

Филипче беше избран за нов лидер со нешто повеќе од 9.000 гласови. За гласање на внатрепартиските избори на 30 јуни се пријавија околу 23.000 членови на СДСМ, но околу 10.000 од нив не излегоа да гласаат. Една од противкандидатките, пратеничката Славјанка Петровска се откажа од трката, иако нејзиното име веќе се најде на гласачките ливчиња.

Слични содржини