Од ВМРО-ДПМНЕ утринава го коментираа изборот на Венко Филипче за нов претседател на СДСМ. Владеачката партија го критикува фактот што Филипче е избран со 9 илјади гласови, истакнувајќи дека „толку гласови се потребни за советник во општина“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, „еден Заев се замени со друг Филипче“ и според партијата на Христијан Мицкоски, ова е „тажен завршеток на сагата за нов лидер, со стари навики“.
-Филипче не е нов лидер, туку чувар на фотелјата на Зоран Заев. Човекот е одговорен за погромот со Ковидот, каде десетици илјади луѓе ги загубија животите, директно одговорен за матните тендери каде референцата за избор емаил контакт на Жути кој доби милиони од стерилизацијата, или неговата хациенда на Водно веднаш до директорот на Клинички или пак модуларната болница за која Филипче не убедуваше дека кабелот е виновен, порачаа меѓу другото од ВМРО-ДПМНЕ.
На непосредните внатрепартиски избори во СДСМ, гласале 54 отсто од регистрираните партиски членови. Од вкупниот број членови кои гласале, Филипче бил поддржан од повеќе од 70 проценти од гласачите.
По затворањето на гласачките места, реагираа двајца од противкандидатите, кои тврдат дека 10.000 социјалдемократи кои биле регистрирани не може да гласаат.
Централната изборна комисија на СДСМ оцени дека процесот бил фер, демократски и кредибилен со помали нерегуларности кои не можеле да влијаат на резултатите.
Изборите за нов претседател се одржаа по оставката на претходниот партиски лидер Димитар Ковачевски, кој се повлече по поразот на парламентарните избори на 8 мај.
Бројот на членови кои се пријавиле за гласањето беше далеку помал од првите и вторите непосредни избори за лидер на СДСМ, кога се броеја и над 60.000 односно 40.000 гласа.