ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нема да има камп за мигранти

од Nikola Popovski
51 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ денеска го повтори ставот и му одговори на лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија не предвидува отворање на кампови за мигранти во Македонија. Од партијата ваквите тврдења ги поврзаа со наводно патување на Филипче во ОАЕ.

-Здраво Венко, како си? Како беше на палмите во Дубаи? Сигурно од времето поминато на песочните плажи, Венко не е запознаен, но да ти кажеме дека камп за мигранти нема да има! Сигурно не си чул, но тоа го кажа и амбасадорот на Обединетото Кралство. Парите од Обединетото Кралство ќе се користат за проекти, а не за плаќање на избори како во твое време? А сега, ќе ти кажеме и каков нема да биде договорот со Обединетото Кралство. Договорот нема да биде како твојот површен за градба на модуларни болници, полн со криминални моменти, реече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно Филипче на прес-конференција рече дека неговата партија го поддржува Договорот и дека изминатата влада потпишала еден сличен договор за стратешка соработка со Велика Британија. Оценува дека Обединетото кралство е наш сериозен партнер и давала поддршка на Македонија. Вели дека договорот ќе биде ратификуван од пратениците на СДСМ во Собранието.

-Имено, на „ABC News“ непосредно после Самитот излезе информација дека откако Албанија го одбила договорот со Велика Британија да прима мигранти, имајќи предвид дека таков договор има со Италија, лидерите на Косово, Северна Македонија, генерално од Западен Балкан кажале дека исто така не се согласуваат да има кампови за мигранти, но се отворени за тоа да се разговара. Упатувам прашање до владата, дали навистина се спремни со Велика Британија да разговараат за сместување на емигранти во нашата земја, праша Филипче.

Во петокот беше соопштено дека албанскиот премиер Еди Рама го одбил британскиот премиер Кир Стармер за градење на камп за мигранти, односно лица кои Велика Британија ги одбила за азил или сака да ги депортира.

Слични содржини