Од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со сериозни обвинувања против поранешното раководство на државата, тврдејќи дека за време на владеењето на СДСМ институциите биле злоупотребувани за приватни и бизнис интереси.
„Во времето на СДС, институциите на државата не служеа на граѓаните, туку на задоволување на бизнис апетитите на Зоран Заев и Венко Филипче. Заев и Филипче, ја користеле целата политичка и институционална моќ, за да вршат директен притисок врз др. Митрев со цел неговата приватна клиника да биде преземена по багателна цена“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ваквите обиди за преземање на приватната здравствена установа биле потврдени и јавно. „Дека тандемот Заев–Филипче се обиделе да му ја превземат приватната болница на др. Жан Митрев посведочи самиот тој во интервју на телевизија“, се вели во соопштението.
Според партијата, притисоците се случувале во период кога против Митрев се водел судски процес, а неговите лични средства и сметките на болницата биле блокирани. „Во исто време му наметнале и забрана за располагање со удели. Но, по интересот за откуп на болницата од страна на Заев како тогашен премиер и Филипче како министер, Јавното обвинителство ја укинало забраната за продажба“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија оценуваат дека „брзината и тајмингот јасно укажуваат на политичко влијание и директна злоупотреба на обвинителството“, нагласувајќи дека институциите, наместо да постапуваат непристрасно, биле користени како алатка за притисок и принуда.
„Најскандалозно од сѐ е тврдењето дека на др. Митрев му била понудена спогодба, продажба на клиниката по цена под пазарната вредност, во замена за олеснување или ослободување од обвиненија. Ова е доказ за груба злоупотреба и тргување со правдата од страна на Заев и Филипче. Ова е вистинска слика за СДС и нивното владеење, за Заев и Филипче. Рекет, принуда, притисок, тендери во четири очи, проценти, тоа се начините на делување на кланот Заеви и нивниот спотер што ја чува фотелјата на Бихачка, Филипче“, наведуваат од партијата.
Во продолжение, од ВМРО-ДПМНЕ бараат институционална реакција. „ЈО да постапи и да ги испита сите наводи, без заштита и без калкулации. Доста е од неказнивост. Време е Заев и Филипче да одговараат за секоја злоупотреба, секој притисок и секој криминал што го направија додека ја држеа државата како личен имот. Македонија мора да расчисти во ваквите криминални практики. Законот мора да важи за сите особено за оние кои мислат дека се недопирливи“, се наведува во реакцијата.