Владејачката партија ВМРО ДПМНЕ, вели денешната прес-конференција на СДСМ и лидерот на партијата Зоран Заев, е сценарио кое немало да помине.

ВМРО-ДПМНЕ повторно го повика Заев, доколку постоеле било какви материјали, за кои се тврди дека упатуваат на евентуално противзаконско постапување на било кое лице, да ги доставел до надлежните институции за понатамошно постапување и правна завршница во транспарентна и законска процедура.

– Заев денеска започна со реализација на објавувањето на разни материјали за кои и самиот го извести премиерот Груевски дека се прибавени во соработка со странски служби, а за што е започната и постапка против него токму за овој случај, во кој дел од осомничените веќе имаат и признание дека работеле за пари и за странски служби, стои во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.

Според партијата на власт, со денешната и најавените прес конференции од ваков тип, Заев „со несериозен и неодговорен однос“, кој според ВМРО ДПМНЕ, прифатил да биде инструмент и марионета на странски служби, со задоволство продолжувал да биде дел од креирано сценарио кое не било во интерес на Македонија.

Во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ се вели „институциите во рамки на своите законски и уставни надлежности треба да ги утврди сите факти и околности, но и мотиви и цели и на инспираторите, и на поддржувачите и на извршителите на ова сценарио“.

– Заев само продолжува да тоне, и полн со контрадикторности и небулози, сака да направи цела македонска јавност, вклучително и неговите сопартијци, да се држат во заложништво, и јавноста да биде под уцена и да биде дефокусирана од реалните теми и потреби на граѓаните.
Заев има една очигледна, проѕирна и површна намера да се претстави и себеси како жртва и тоа во ситуација, кога тој не е ништо друго освен марионета, која што работи и делува во функција на туѓи интереси, стои понатаму во реакцијата на владејачката партија.

Слични содржини