ВМРО-ДПМНЕ: Застреланиот кај Блаце го пронашол братот полицаец кој се спомнува во фирмата која продава јаглен на ЕСМ и РЕК Битола

од Nikola Popovski

Убиството кое се случи вчера е продолжение на крвавата нарко пресметка на клановите чии грозоморни убиства започнаа во времето кога Оливер Спасовски беше министер за внатрешни работи. Таквата сила на тие кланови доаѓа поради фактот што Спасовски, Заев и Ковачевски го ставија МВР на услуга на криминалците, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на ставот на СДСМ, за вчерашното убиство кај Блаце.

Според партијата на Христијан Мицкоски, „застреланиот го нашол братот полицаец чие име се спомнува во структурата на фирмата која продава јаглен на ЕСМ и РЕК Битола, а јавна тајна е дека ЕСМ и РЕК се златните рудници каде црпи пари врвот на СДСМ и ДУИ“.

-Срамно е и се граничи со лудост да се пушта соопштенија каде СДС го обвинува Тошковски за расветлување на убиство кога се знае дека тие нарко кланови претходно се пушкараа среде Скопје, се убиваа и брутално егзекутираа, а во исто време седеа во скутот на Спасовски, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ денес обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски немаат капацитет да го расчистат случајот.

Како што беше вчера објавено, лицето З.Т. било пронајдено мртво во скопското село Блаце. Според неофицијални и непотврдени информации, убиениот е татко на Гани Туша, осомничен за убиството на Орхан Бајрами Оки, еден од водачите на Дуќанџик, што се случи во Грција. Туша е осомничен и за други кривични дела и во моментов  во притвор во затворот во Шутка. Неговиот татко бил убиен додека работел на нива, а бил пронајден со прострелни рани.

Слични содржини