Скоро сите ограничувања поврзани со пандемијата на коронавирус беа укинати во Англија во понеделникот, кој беше наречен „Ден на слободата“, и покрај зголемувањето на случаите, што ја загрижува научната заедница и некои политичари.
Од полноќ во Англија салите и стадионите можат да се отворат со полн капацитет, дискотеките можат повторно да се отворат, повторно може да се седи на шанк во пабовите и повеќе нема ограничување на бројот на луѓе што можат да се собираат. Ова е ново поглавје во борбата против пандемијата на коронавирус.
Носењето маска повеќе не е задолжително, но се препорачува во јавниот превоз и во продавниците, а повеќе не се повикува на работа од дома.
Британскиот премиер Борис Џонсон во неделата го предупреди населението да биде внимателно.
Џонсон полага надеж во вакцината и покрај зголемениот број случаи. Доколку вакцината докаже дека заштитува од потешки форми на болест и смрт и покрај зголемениот број на заразени, тоа може да биде важна информација за другите земји во смисла на враќање во нормален живот, пишува „Ројтерс“.