Во државата нема веќе средна класа, сиромаштијата ја „изеде“

„Потребно е да се води политика која ќе ја поправи таквата состојба, но оваа Влада нема интерес да го прави тоа. Глуми популизам со линеарно зголемување на пензиите, а не ни размислува за преземање на реални мерки, вели за „Локално“, Узунов.

од Vladimir Zorba
4 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ 24

Во Македонија целосно ја снема средната класа. Ако порано повеќе од половина од населението влегуваше во т.н. средна класа сега според последната статистика 49 отсто од населението е сиромашно. Во прилог на ова е и податокот дека над 50 отсто од населението во државата неможе да си дозволи годишен одмор. Кон исчезнување на средната класа и зголемување на сиромаштија во државата дополнително придонесоа случувањата по ковид пандемијата, постојаното зголемување на трошоците за храна, на сметките за струја, вода, парно….

Сето ова влијаеше на намалување на вредноста на платите кои одамна ја изгубија трката со инфлацијата. Последниве две години се води уште една битка за зголемување на минималецот. Немањето на социјален дијалог во државата го плаќа народот на кога не му е јасно зошто власта не сака да го подобри стандардот на граѓаните.

Економскиот аналитичар и универзитетски професор Ванчо Узунов се согласува дека се поголем дел од населението живее под и на линија на сиромаштија и оти речиси половина не може да се снајде добро во пазарни услови. Тие што се сиромашни стануваат уште посиромашни, додека пак оние што се богати, а тоа е само 2 отсто од населението стануваат уште побогати.

Фото: Фејсбук/Принскрин/СителТВ

-Исчезнувањето на средната класа не се случи одеднаш, тоа се случуваше постепено последните 15-20 години, а ковид пандемијата дополнително го забрза тој процес. Поради тоа потребно е да се води политика која ќе ја поправи таквата состојба, но оваа Влада нема интерес да го прави тоа. Глуми популизам со линеарно зголемување на пензиите, а не ни размислува за преземање на реални мерки, вели за „Локално“, Узунов.

Според него, потребно е воведување на прогресивно одданочување со 0 стапка за најсиромашните, бидејќи нелогично е да им даваш социјална помош, а да им ги земаш парите преку данок.

-Исто така треба да се воведе данок на луксуз, како во Франција и во некои други европски земји. Така на пример со овој данок би се даночеле приходи над милион евра и истиот би бил дополнителен надвор од останатите. Потоа зголемување на социјалните трансфери кои треба да се определат како процент од просечната плата во државата и како расте платата така и тие да се зголемуваат. Потребна е и помош на децата од овие семејства за да излезат од сиромаштијата, бидејќи кај нас сиромаштијата како да е наследна. Многу често децата од сиромашни семејства продолжуваат да живеат во сиромаштија, вели Узунов.

Ковид пандемијата некако ја „изеде“ средната класа. Многу семејства кои беа во т.н. средна класа сега се сиромашни.

-Крајно време е Владата да ја покачи минималната плата, а не да чека да се договорат синдикатите и работодавачите. Тие никогаш нема да се договорат затоа што имаат спротивставени интереси затоа Владата е вклучена во тој социјален дијалог за да пресече. Меѓутоа таа упорно бега од одговорност и топката ја префрла на едната или на другата страна. Само со апели не се регулираат социјалните теми во државата. Потребни се конкретни систематски мерки кои ќе помогнат да се намали сиромаштијата и да се врати таа средна класа, појаснува Узунов.

Фото: Фејсбук/Официјален профил на Сојуз на синдикатите на Македонија

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку реална потреба на работниците. Анкетите покажуваат дека 45,2 проценти од работниците бараат минимална плата од 600 евра, 42 проценти бараат над 700 евра, а 99,5 проценти сметаат дека платата мора да се зголеми веднаш. Владата и дел од работодавачите се против зголемување на минималната плата, додека функционерските плати остануваат зголемени за 79 проценти.

Во текот на целата 2025 година, Економско-социјалниот совет кој директно влијаат врз работничките права, платите и социјалната сигурност, одржал само две седници.

Уште еден доказ дека расте сиромаштијата во државата е последниот податок на европската статистика – Евростат според кој 48,4 отсто од населението во Македонија се изјаснило како сиромашно.

Б.С.