Во „Идризово“ затвореници немаат кревет, двајца спијат на еден

од Nikola Popovski

Народниот правобранител Насер Зибери денеска повторно изнесе сериозни критики за условите во затворот „Идризово“, во кој, како што рече, се сместени речиси половината од затворениците во државата. Тој информира дека во затворот има околу 1200 затвореници, а нормалниот капацитет е за 700 луѓе.

-Одредени крила се затворени и не исполнуваат критериум за исполнување, со што состојбата е алармантна. Службата во оваа установа е принудена да сместува затвореници по подови и без минимални елементарни услови за сместување. Во ќелиите имаме крајно редуциран простор и тоа е нехумано однесување. Имаме еден пример каде што во едно од крилата каде што во просторија од 14 квадрати, има 15 затвореници. За жал некаде немаат ни кревет, па се принудени двајца затвореници да користат ист кревет и тоа на смена или двајца истовремено во креветот. Има кревети кои се на четири ката и до плафон и тоа се секако крајно нехумани услови, рече Зибери во емисијата „Топ тема“.

Тој посочи дека е потребно да се вработат 100 нови затворски полицајци.

-Ова е драматична состојба и Владата беше принудена да прогласи кризна состојба, па да се ангажира полицијата и армијата. Имаше случаи кога затворски полицаец кој се зема на договор на дело и без претходно обучување се става во крила во кој се сместени лица со тешки кривични дела. Честопати фалат и редовните термини, додаде Зибери.

Слични содржини