Во Италија 71 самоубиство поврзано со пандемијата на коронавирусот

од Vladimir Zorba
123 прегледи

Пандемијата има големо влијание врз менталното здравје, а од март до денес, 71 самоубиство и 46 обиди за самоубиство во Италија се поврзани со кризата предизвикана од Ковид-19, пишува италијанскиот весник „Ла Република“.

Покрај последиците од финансиската криза, мерките за социјално дистанцирање и изолација доведоа и до влошување на психолошките проблеми, се вели во написот објавен по повод претстојниот 10 септември, Светски ден за спречување самоубиство.

Како што е наведено, постојат неколку фактори на ризик за самоубиство, а зголемувањето на бројот на самоубиства и обиди за самоубиство за време на блокадата поради пандемијата може да се објасни и со прекинување на посетите на клиниките за психолошка или психијатриска терапија.

„Депресијата е водечка причина за попреченост, бројот на депресивни лица расте во последните децении, па дури и повеќе како резултат на пандемијата и нејзините последици“, рече раководителот на Одделот за ментално здравје на миланската болница Фатебенефратели, Клаудио Менкачи, пренесува Танјуг.

Италија е првата европска земја што воведе строги мерки за карантин на целата територија на почетокот на март, и таа излезе од блокадата со постепено олеснување на рестриктивните мерки по скоро три месеци.