Во Извештајот на Стејт Департментот нема ништо ново – странските инвеститори ја избегнуваат Македонија поради корумпираното судство и честите промени на законите

Корупцијата и честото менување на закони е позната дијагноза за македонската економија, но додека не смениме нешто ќе останеме неразвиени, изјави за „Локално“, Ванчо Узунов, универзитетски професор

од Vladimir Zorba
431 прегледи Фото: Креатива Локално

Корупцијата е главна пречка за водење на бизнис во државата, се наведува во последниот извештај на американскиот Стејт департмeнт. Други фактори кои ги намалуваат можностите за инвестирање и ги одвраќаат странските инвеститори се комплексната законска регулатива, честите законски промени и недоследното толкување на правилата.

Според економските експерти овие слабости во македонската економија постојат многу одамна, но и покрај укажувањата на многу странски институции се уште тапкаме во место по однос на ова прашање.

Фото: Фејсбук/Принскрин/СителТВ

-Во Извештајот нема ништо ново, туку се потенцираат проблемите кои постојат во македонската економија и подолго време се кочница како за домашните бизниси, така и за привлекување на странски инвестиции. Корупцијата и честото менување на закони е позната дијагноза за македонската економија, но додека не смениме нешто ќе останеме неразвиени, изјави за „Локално“, Ванчо Узунов, универзитетски професор.

Според поранешниот министер за финасии Џевдет Хајредини во Извештајот малку е обрнато внимание на отсуство на владеење на правото и корумпираноста на правосудните органи.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/НБРМ

-Извештајот во целина дава објективна слика за состојбата во македонската економија во последниве години. Во државата има отсуство на владеење на правото и корумпирани судски органи, а тоа го покажуваат и анкетите според кои довербата на граѓаните во судството е под 2 отсто. Тоа е една од главните причини што ги одвратува странските инвеститори кои губат интерес за вложување. За да имаат предвидливост странските инвеститори сакаат стабилна законска регулатива подолго време, а не закони кои се менуваат со секоја партија која ќе дојде на власт, изјави Хајредини за „Локално“.

Тој вели дека неможеме да се фалиме ниту со економскиот раст кој 30 години е под 2 отсто. За да се приближиме на европските економии ни треба повисоки страпки на раст од нивните.

-За да се случи тоа стапката на раст на плати, пензии и други буџетски издвојувања како субвенции, социјални издатоци…треба да биде пониска од стапката на економски раст. Ние имаме 150 илјади вработени во администрацијата кои се голем трошок за буџетот и чии плати растат секогаш пред избори, додава Хајредини.

Во Извештајот се наведува дека Државната комисија за спречување на корупција отвори неколку истраги, вклучувајќи и против високи функционери, иако само неколку резултираа со кривично гонење.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Косово онлајн

-Извештајот само го потврдува она што за нас граѓаните е одамна јасна и го живееме. Корупцијата е толку висока да веќе не се ни крие и никој не се ни обидува да ја гони. Случајот со инспекторот од УЈП кој добивал награда за одавање на информации и при тоа не сноси никаква одговорност и по 6 месеци од случајот и трагедијата во Кочани кажува се. Довербата во судството е во минус, и никој не се замара со тоа, а напорите на владата за решавање на корупцијата и воведување на владење на правото се силни само на партиските митинзи и во медиумите, а во реалноста се само флоскули, смета аналитичарот Синиша Пекевски.

Исто така се посочува и дека во 2024 година беа забележани ограничени напори за привлекување нови инвестиции, а Владата беше фокусирана на енергетска ефикасност, поддршка за ранливи домаќинства и ублажување на инфлацијата. Поради тоа БДП во 2024 година порасна само 2,2 проценти.

Б.С.