Нема дополнителни рестриктивни мерки за празниците, а дел од ковид центрите се затвораат и целата интерна клиника се враќа во нормала, истакна вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Според него, сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници се доволни со оглед на тоа, што, како што рече, такви собири на јавни места има насекаде и пред Нова година. Практично, вели тој, кулминација ќе се достигне за време на новогодишните празници и после сето тоа ќе спласне.
Филипче истакна дека не може да се предвиди дали некоја варијанта на вирусот ќе придонесе да се влоши епидемиолошката ситуација, но додаде дека затоа акцент е ставен на вакцинацијата, оти, според податоци од студии, третата доза ја зголемува ефикасноста против најновиот сој омикрон.
Досега во земјата се направени вкупно 1.558.639 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 222.064, бројот на оздравени пациенти е 208.938, на починати е 7.853, а бројот на активни случаи изнесува 5.273.
СЗО предупредува за „нова бура“ низ Европа поради сојот омикрон.
– Откако беше идентификуван пред помалку од четири недели, сојот на коронавирусот беше откриен во најмалку 38 од 53 земји членки на Европскиот регион на СЗО, изјави регионалниот директор на ОН, Ханс Клуге во Виена.
Во следните неколку недели, нагласи Клуге, новиот сој ќе стане доминантен во повеќе земји во Европа, со што ќе се изврши притисок врз веќе погодените здравствени системи до крајна точка.
Кинескиот град Сијан ги повика своите 13 милиони жители да останат во своите домови, откако во тој град беа откриени повеќе од 50 нови случаи на коронавирус.
Кина вчера пријави 57 локално пренесени случаи на Ковид-19 во пет градови, додека се обидува да ја смири епидемијата на коронавирус како дел од нејзината политика на нулта толеранција против „Ковид“.
Израел планира четврта доза вакцина за одредени групи од населението. Панел здравствени експерти препорачаа четврта доза вакцина за постарите од 60 години, ризичните групи и медицинскиот персонал. Со тоа Израел ќе стане првата земја во светот што ќе дава четврта доза на дел од населението.
Се предвидува четвртата доза да се дава најмалку четири месеци по третата доза.
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио објави дека жителите кои ќе ја примат третата доза вакцина против коронавирусот до крајот на годината ќе добијат 100 долари од градската управа.
– Ова ќе биде најголемата програма за стимулирање во САД, и сакам да видам како ќе реагираат њујорчани. Помогнете да го направиме целиот град побезбеден, истакна рече Де Блазио.