Почетна / Бизнис / Во наредните пет месеци од Скопје и Охрид нема летање со „Виз ер“

Во наредните пет месеци од Скопје и Охрид нема летање со „Виз ер“

Нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“, која има голем број бази на територијата на поранешна Југославија, вклучувајќи ја и нашата држава, очекува ограничувањата за патувања и забраните за влез воведени од владите без претходно предупредување, да влијаат на неговата работа во наредните пет месеци. Како што пренесува порталот exyuaviation.com, превозникот е принуден привремено да суспендира над дузина рути од Скопје, Белград, Тузла, Охрид, Приштина и Подгорица, поради ограничувањата за патување наметнати на државјани од овие пазари од други европски држави.

– Во претстојниот период од пет месеци ќе има многу неизвесности и индустријата ќе мора да научи како да биде флексибилна во прилагодувањето кон новите мрежни рути и прилагодувањето на капацитетот – вели извршниот директор на „Виз ер“, Јозеф Варади.

Тој истакнува дека неговата авиокомпанија веќе почнала со стратегија за ублажување на ефектите од пандемијата. Ги наведува проширувањето на флотата „ербас А321“ во Белград, воспоставувањето на прва руска база во Санкт Петербург заедно со рестартирање на базата во Киев, лансирањето на 14 нови рути меѓу Украина и Италија, продолжувањето на летовите од пазарите како што се Унгарија и Македонија, како и потфатот кон Блискиот Исток.

Во наредниот период, „Виз ер“ планира да лансира девет нови рути од Белград, да ја воведе својата прва годинешна услуга за Хрватска и да почне со нови летови за Црна Гора.

– Имаме кастрење на капацитетите на постојните пазари, но истовремено создадовме и нова мрежа на рути и оперативни бази, така што отвораме шест или седум нови бази исто како што рековме – вели Варади.

Авиокомпанијата сега лета со 77 отсто од нивото во 2019 година. Превозникот истакна дека дури и со коронавирусот, се очекува да го зголеми својот капацитет за приближно девет проценти оваа година.

– Најлошата состојба за нас е кога не работиме. Во моментот кога работиме, работиме само врз основа на паричен придонес. Треба да ги водите вашите деловни активности на долг рок и ликвидноста и готовината се клучни компоненти на вашиот деловен модел. Сите знаеме дека кај летањето на кратки дестинации преовладува најниска цена, а сега ние сме со најниска цена, така што мислам дека нашата конкурентна позиција штотуку се подобри – изјави Варди коментирајќи ја стратегијата на „Виз ер“, која многу се разликува од нејзините конкуренти за време на актуелната криза.

Тој додава дека пред десет години кога последната економска криза го погоди светот, едноставно не биле доволно силни и не биле доволно големи за да ја искористат ситуацијата. Сега вели дека имаат финансиски капацитет да обезбедат корист и да бидат еден од победниците во оваа ситуација.

loading...