Во нуклеарната централа Фукушима истече радиоактивна вода

од Stefanija Kuzmanovska

Во нуклеарната централа Фукушима Даичи во североисточниот дел на Јапонија во средата било откриено истекување на радиоактивна вода, но надвор од локацијата не биле пронајдени траги на контаминација, соопшти во четвртокот за АФП операторот на централата „Тепко“.

Ова истекување од приближно 5.500 литри во електраната, која беше сериозно оштетено во 2011 година, се случило пред водата да биде прочистена со систем наречен ALPS, кој ја ослободува водата собрана во централата од повеќето нејзини радиоактивни материи, објасни портпаролката на „Тепко“.

Протекувањето било запрено дваесетина минути откако било откриено во средата наутро.

„Таа вода може да содржи радиоактивни изотопи како што се цезиум 137 и стронциум 90“, изјавила портпаролката на „Тепко“, додавајќи дека раководството на централата планира да ја отстрани почвата контаминирана од истекувањето.

„Нема значајни промени во податоците од следењето на радиоактивноста околу електраната“, уверува таа.

Нуклеарната централа Фукушима Даичи беше уништена во страшното цунами во 2011 година во североисточна Јапонија.

По зеленото светло од Меѓународната агенција за атомска енергија, Јапонија почна многу постепено да испушта повеќе од 1,3 милиони кубни метри вода од централата во Тихиот Океан минатото лето по обработката во системот на ALPS.

Јапонија и Меѓународната агенција за атомска енергија уверуваат дека овој процес, кој треба да трае до почетокот на 2050-тите, е безбеден за морската средина и здравјето.

Кина и Русија, сепак, изразија сериозна загриженост и го прекинаа целиот увоз на јапонски морски плодови.

Слични содржини