Во петок Димовски во Собранието ќе реферира за пасошот на Онишченко

од Destan Jonuzi

Директорот на Агенцијата за национална безбедност- АНБ, в петок пред Комисијата за надзор над работата на институцијата ќе даде објаснување за улогата на АНБ во безбедносната проверка на лицето Олександр Онишченко. Агенцијата дала позитивно мислење Украинецот Онишченко да добие македонско државјанство и покрај тоа што тој е на листата на санкции на Соединетите Американски Држави и е осомничен е за перење пари.

Седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ ќе започне утре со изгласување на дневниот ред, што најмногу зависи од владејачкото мнозинство. Седницата потоа треба да продолжи во петок, кога Димовски најави дека ќе ги даде сите одговори поврзани со Онишченко.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски најави дека Димовски наредната недела ќе биде повикан на седница во врска со неговата кандидатура за амбасадор во француската престолнина Париз. Министерството за надворешни работи го предложи Димовски за амбасадор.

„Седницата најверојатно ќе продолжи идната недела. Ќе го почекам исходот од Комисијата за надзор врз работата над АНБ, односно дали ќе се покаже дека Димовски не сноси одговорност за издавањето македонско државјанство на Онишченко или пак, како директор на АНБ е одговорен. Ако се утврди одговорност, ќе сугерираме Владата да размисли за номинациjата на Димовски за амбасадор во Франција“, изјави Милошоски.

Премиерот Димитар Ковачевски за тоа како ќе влијае случајот на амбасадорската кандидатура на Димовски, рече дека најдобро би било одговор да се даде во Собранието во Комисијата за надворешни работи во Парламентот.

Иницијативата да му се даде македонско државјанство на 53-годишниот Украинец, кој инаку има и руски пасош, дошла од Федерацијата за коњички спортови. Позитивно мислење дал и Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт. Онишченко сега е македонски репрезентативец во коњички скокови.

Слични содржини