Во рестораните има гости, ама нема работници – проблемот ќе се продлабочи пред празниците

Некои од младите одат на сезонска работа и се враќаат веднаш, а некои остануваат по неколку години за да заработат. Тоа не се случува само во угостителството и туризмот, туку и во другите индустрии во државата, вели Блажевски за „Локално“

од Vladimir Zorba
322 прегледи

Периодот на прослави се наближува, а угостителите се загрижени како ќе го решат проблемот со недостиг на кадар. Дел од рестораните во Скопје и Охрид каде се организираат најголем дел од предновогодишните и новогодишните прослави велат дека и во моментот имаат недоволно келнери и персонал за работа во кујна и очекуваат проблемот да се продлабочи пред празниците.

Гостите потврдуваат дека во некои од скопските кафани нарачките ги чекаат предолго, бидејќи има само еден келнер на смена. Слична е ситуацијата и во Охрид каде во моментот недостигот од кадар го пополнуваат работници од Непал, Индија….

-Ситуацијата со недостиг на кадар не е променета и секој се снаоѓа како знае. Се трудиме недостигот да го надополниме со обуки, односно лица од други професии кои сакаат да работат во угостителството. Исто така има доста странски работници од азиските земји Непал, Индија… кои малку од малку ја ублажуваат ситуацијата. Во почетокот овие работници си заминуваа веднаш, но сега остануваат подолго како што е договорено со агенциите кои ги носат. Поголем дел од странците се добри работници и си ја завршуваат работата. Знаат дека ако не работат ќе мора да се вратат назад, изјави за „Локално“ Крсте Блажевски, претседател на Хотелска асоцијација на Македонија.

Крсте Блажевски, Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Телма

Според него, причините за недостиг на кадар во оваа индустрија е резултат на заминување на младите надвор од државата. Најголем дел од младите заминуваат на сезонска работа во соседните земји и остануваат таму по неколку години додека не заработат.

-Некои од младите одат на сезонска работа и се враќаат веднаш, а некои остануваат по неколку години за да заработат. Тоа не се случува само во угостителството и туризмот, туку и во другите индустрии во државата, вели Блажевски.

Што се однесува до платите тој вели дека се зголемени во целиот сектор. Неделата се плаќа дупло, се плаќа плус за дополнителни часови работа, а келнерите добиваат и бакшиш.

Од ХОТАМ велат дека е покрената иницијатива со цел бакшишот да стане задолжителен како што е во поголем дел од западните земји. Значи се преговара бакшишот да биде 5 отсто и тоа да биде регулирано со закон.

Познавачите на состојбите во угостителството велат дека оние кои знаат да работат одамна заминале на работа во рестораните во западно европските земји. Оние кои се тука, пак чекаат да почне летната сезона да заминат во Хрватска. Па така на газдите не им останува ништо друго туку да се фатат да работат се додека не дојдат некои нови деца.

Според угостителите, недостигот на квалификуван кадар ќе се продлабочува сè додека државата не направи сериозен зафат во делот на обуките, стимулациите и условите за работа.

Б.С.