Во Скопје Прв национален саем за храна и пијалаци

од Stefanija Kuzmanovska
254 прегледи

Над 200 мали производители – изложувачи на храна и пијалаци и 40 здруженија учествуваат на првиот национален Саем за храна и пијалаци – Вкуси ја традицијата, што денеска во организација на Слоуфуд Македонија со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржува во Градскиот парк во Скопје.

„Ова е вистинската слика за тоа што значи оваа наша македонска земја – богатство на вкусови, мириси, бои и богатство за сите сетила. Затоа и манифестации како оваа посветени на македонското земјоделство и гастрономијата, кои ја имаат мојата и владината поддршка, се многу важни“, рече премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на саемот.

Тој нагласи дека на нашата македонска трпеза се вкрстуваат вкусовите на многу цивилизации кои создале многу уникатни и колоритни превкусни комбинации кои се одамна дел од нашата традиција.

„Сето ова кое денес го гледаме и кое ќе имаме можност да го вкусиме, сето ова ние имаме неверојатна можност да ни е секојдневие, и за тоа, сме исклучително благодарни. Јас знам, дека јас сум благодарен. Ова богатство го нема никаде на друго место во светот“, наведе Ковачевски.

Во ова време-невреме во кое живееме, потенцира тој, веќе јасно согледавме – Домашното производство на храна е приоритет.

„Затоа и изминатиов период работевме напорно за да се осигураме дека ќе имаме доволно храна за сите и дека домашното производство на храна е поголемо и стабилно. Да произведуваме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата“, посочи премиерот и додаде дека е важно да ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна.

Нагласи дека верува оти денешниот саем ќе прерасне во традиција.

„Вратите во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во Владата за вас се отворени, за сите сугестии, за сите предлози, заедно да ги дискутираме и да овозможуваме раст на земјоделското производството“, им порача Ковачевски на изложувачите на саемот.

Слични содржини