Во Собранието денеска се гласа за намалување на ДДВ за струјата

од Nikola Popovski
274 прегледи

Денеска на пленарна седница во Собранието ќе се дебатира за намалувањето на ДДВ-то за електричната енергија, кое ќе придонесе за значително ублажување на поскапувањето. Ако се усвојат измените денеска тоа ќе значи дека по излегувањето во Службен весник па до 30 јуни 2022 година во државата стапката на ДДВ за за струјата ќе биде 5 проценти. Согласно предлог измените за период од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година даночната стапка за ДДВ за прометот и увозот на електрична енергија за домаќинствата ќе изнесува 10 проценти.

Од 1 јули важи повисоката цена на струјата од 12,3 проценти која ја одобри Регулаторна. Тоа значи дека од почетокот на месецов до датумот кога Законот ќе стапи на сила граѓаните ќе плаќаат повисока цена за киловат час и 18 проценти ДДВ. Џафери изјави дека ако пратениците брзо го донесат Законот веднаш ќе го прати кај претседателот Стево Пендаровски да го потпише Указот.

Цел на ваквиот предлог, како што образложува Министерството за финансии кое ги подготви измените на Законот за ДДВ, е да се овозможи пониска цена на струјата за граѓаните во период од две години. Се очекува предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност да имаат незначителни негативни фискални импликации врз Буџетот.

Инаку во првиот квартал од годинава државата успеала да собере во буџетот од ДДВ безмалку 213 милиони евра, а во цела пандемиска 2020 година по овој основ во буџетот инкасираше нешто над 762 милиони евра. Во 2019 година, нето платениот ДДВ во буџетот изнесува 846 милиони евра.

Слични содржини