Вицепремиерот и министер за одбрана Милош Вучевиќ, заедно со началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија, генерал Милан Мојсиловиќ и амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, денеска присуствуваа на Денот на високи функционери на меѓународната тактичка вежба „Платинест волк 23“ во базата „Југ“ кај Бујановац.
На вежбата учествуваа околу 600 офицери, подофицери и војници на вооружените сили на САД, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Велика Британија, Грција, Италија, Унгарија, Романија, Словенија и Србија.
Министерот Вучевиќ по завршувањето на вежбата истакна дека „Платинест волк“ е најголемата меѓународна воена вежба на територијата на Србија, која годинава се организира по осми пат.
– Од српска страна, тоа значи дека српските вооружени сили ја зголемуваат својата интероперабилност, способност, опрема и обука за да можат да учествуваат во мултинационални мировни операции и мисии, што е суштината и основната цел на базата „Југ“ каде што ние сме денес, овде на полигонот „Боровац“, изјави Вучевиќ.
Тој рече дека целта на вежбата и намената е реакција на мировните сили, како и дека српските вооружени сили ќе продолжат да учествуваат во активности кои се од интерес за одбраната на државата Србија и да го подигнат нивото на обука, опрема и способности.
Вучевиќ, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека „во сила е одлуката на Владата на Србија, а врз основа на заклучоците на Советот за национална безбедност, војската на Србија да не учествува на воени вежби“ и дека е направен исклучок за вежбата „Платинест волк 23“, бидејќи тоа бил национален интерес на Србија, односно интерес на војската на Србија да ја организира оваа вежба, рече Вучевиќ.
Американскиот амбасадор Кристофер Хил оцени дека станува збор за „значајна меѓународна воена вежба“.
– Ова е полигон од прва класа и секако беше потребно многу планирање, обука и напор за да се овозможи една ваква вежба, за да им се овозможи на припадниците на вооружените сили на Србија и на вооружените сили на САД да работат заедно. Говорам во име на многу Американци кои имаа можност да видат како оваа вежба беше успешна, што сведочи за можноста и напредокот на нашата соработка, рече Хил.
Во организација на српските вооружени сили и Европската команда на вооружените сили на САД, вежбата „Платински волк 23“ е со цел да се подобри интероперабилноста и меѓусебното разбирање на вооружените сили на земјите партнери за време на операцијата за поддршка на мирот во мултинационална средина.
Припадниците на вооружените сили на Србија и на вооружените сили на девет земји на полигонот Боровац и во базата Југ вежбаа тактики, техники и процедури кои се применуваат при вклучување во мировни операции, со акцент на употребата на несмртоносно оружје – борба во урбана средина, одбрана на базата, контрола на масовно собирање и работа на контролен пункт се дел од вежбовните активности предвидени во сценариото на вежбата.