Теодор Мерон, претседател на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, во понеделник објави дека Николиќ бил пуштен од затвор на 1 јули 2014 година, иако оваа одлука досега се чувала во тајност-јави БИРН Сараево

Momir.Nikolic

Николиќ, поранешен офицер за безбедност на бригадата Братунац на Војската на Република Српска, ВРС, не отслужил две третини од својата 20-годишна затворска казна, како што е тоа обичај во случаите во кои Хашкиот трибунал одобрува предвремено ослободување на осудениците.

Мерон рече дека една од причините за ваквата одлука е соработката на Николиќ со обвинителството во Хаг.

Тој стана клучен сведок на обвинителството во судските процеси против неколку обвинети за геноцид, меѓу кои се и политичкиот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ и воениот командант, Ратко Младиќ.

Тој го даде клучното сведоштво во судскиот процес против Младиќ, наведувајќи дека тој се сретнал со обвинетиот во близина на Сребреница на 13 јули 1995 година и дека го прашал што ќе се случи со заробените Бошњаци. Младиќ му одговорил со гест со раката, со кој му покажал дека тие ќе бидат убиени, изјави Николиќ пред судот.

Мерон додаде дека владата на Финска, каде што Николиќ ја издржувал казната, дала позитивен извештај за неговото однесување во затворот.

„Според извештајот, Николиќ цело време во затворот се однесувал примерно. Никогаш не прекршил правило за одржување на редот и секогаш се однесувал со достоинство и учтивост до таа мера, што надзорниот персонал го сметал за еден од најсигурните затвореници во затворот“, рече тој.

Николиќ во мај 2003 година, призна дека е виновен за учество во операцијата на систематско убиство на повеќе од 7.000 муслимански мажи и момчиња од Сребреница и на депортирање на жени и деца од „безбедносната зона“ на ООН, во јули 1995 година.

Тој првично беше осуден на 27 години затвор за своите злосторства, но Жалбениот совет на Хашкиот трибунал му ја намали казната за седум години.

Тој беше во притвор од 2002 година, кога беше уапсен во БиХ, а во 2007 година беше испратен во Финска, каде што ја издржуваше казната затвор.

Извор: БИРН Сараево

Слични содржини