Воскопулос: Центарот за македонски јазик во Грција е чекор напред

од Nikola Popovski

Секако е чекор напред, но се зависи од желбите на припадниците на македонското малцинство, вели за „Локално“ членот на колективното раководство на партијата на Македонците во Грција, „Виножито“, Павле Воскопулос Филипов за отворањето на Центарот за македонски јазик кај нашиот јужен сосед.

Воскопулос посочува дека „Виножито“ го смести македонскиот јазик во органите на ЕУ уште претходно како малцински јазик во Грција бидејќи партијата е регистрирана 1994 година и сето тоа благодарение на пријателите во земијите-членки во ЕУ.

-Преспанскиот Договор стави „печат“ на македонскиот јазик во независна Македонија. Без разлика на Преспанскиот договор, ситуацијата околу македонското малцинство во северна Грција зависи од самото малцинство, порачува тој.

Соговорникот додава дека членовите на „Виножито“ и воопшто македонското малцинство ќе бидат радосни доколку ја види Македонија да просперира и најбрзо да стане полноправна членка на ЕУ.

-Токму таму да ги искористи благодетите на Органите и финансијиските можности во ЕУ за доброто на сите граѓани. Македонците тука во северна Грција ќе се радуваат да одат во позитивна линија грчко-мкедонските односи, а ние ќе настојуваме Грција да прави чекор напред и после јазикот да го признае македонското малцинство и да имплементира соодветни позитивни мерки, прокоментира Воскопулос.

Центарот за македонски јазик во Грција месецов и официјално е регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција.

Центарот дава поддршка на легитимното барање за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во Грција, вклучително и за ратификација на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за малцински јазици од страна на Парламентот на Грција.

Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година, додека одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.

-Сакаме да нагласиме дека во случајов станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи. Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција, велат од Центарот за македонски јазик.

Слични содржини