Вработените во Јавното претпријатие „ЈСП Скопје“, најавуваат дека скопјани можно е наредните денови да останат без јавен превоз бидејќи се уште немаат земено плата за месец септември.
-Гладни не можеме да возиме или да ги сервисираме возилата, вели Миќо Стојановски претседател на синдикалната организација на ССМ при ЈСП „Скопје“ кој појаснува дека сите синдикати во ЈСП се сложни во одлуката да запрат со својата работа доколку не им се исплатат платите.
-Ни престојат тешки зимски месеци затоа јавно информирам дека бараме од Градот навремено да ни исплаќаат плати. Доколку Градот не најде пари за нас ние нема да возиме во Скопје, децидно вели Стојановски.
Тој појаснува и дека ЈСП од пред извено време ги сревисира возилата и на Пожарната служба и службените возила на Градот.
Неофицијално „Локално“ дознава дека доколку вработените не добијат плата, од утре нема да сообраќаат линиите.
Градоначалничката Данела Арсовска во изборната кампања ветуваше бесплатен превоз за сите граѓани, но пред извесно време таа кажа дека бесплатниот превоз го ветила кога немало економска и енергетска криза каква што има сега.
-Бесплатниот јавен превоз е ветување што го дадовме и некои активности веќе почнаа, меѓутоа никој не очекуваше толку голема енергетска криза во која цената на енергенсите, на нафтените деривати, на мазутот ќе станат превисоки. И ова што сега го обезбедува Град Скопје е многу, кажа неодамна Арсовска.
Таа потенцираше дека не се откажува од ветувањето, додавајќи дека сега нема услови тоа да се реализира. Арсовска воедно напомена дека се подготвуваат реформи во јавниот превоз за тој да стане поефикасен и дека на нив работат два тима.
В.З.