Триесет и шестгодишен маж загина вчера во пристаништето Пиреј во Атина, откако се обидел да се качи на траект кој веќе го напуштал пристаништето.
Според првичните информации, мажот имал билет за траектот BlueHorizon кој патувал за Ираклион на Крит, а починал така што паднал во морето и се удавил.
Сепак, не долго по оваа бизарна несреќа, објавена е снимка од безбедносните камери кои фрлија сосема ново светло на трагедијата.
Βίντεο σοκ: Το πλήρωμα έσπρωξε από το Blue Horizon στον θάνατο τον 36χρονο που σκοτώθηκε στο λιμάνι Πειραιά pic.twitter.com/eiPvxWYKvq
— kakajason (@kakajason50) September 5, 2023
Имено, на видеата се гледа дека триесет и шестгодишниот маж се обидува да се качи на бродот, и успева да скокне на платформата непосредно пред поаѓањето на траектот, по што влегува во физички конфликт со двајца мажи од екипажот и паѓа во морето во моментот кога траектот веќе заминува од пристаништето.
Иако несреќниот човек бил во морето, бродот го продолжил патот во следните 15 минути, пред да се вратат назад во Пиреј.
Четворица членови на екипажот се уапсени и обвинети за убиство од небрежност, а денеска ќе бидат сослушани во обвинителството.
Раководството на „Атика Груп“, која е сопственик на траектот, во соопштение наведува дека е шокирана од трагичниот настан што се случил во Пиреј, нагласувајќи дека соработува со сите надлежни органи за расветлување на овој инцидент.