Кога новинар, филмски критичар, филмофил, обичен поминувач низ визуелното искуство ќе добие акредитација на филмски фестивал ќе наврати неколку пати на кино проекции. Ќе се напише, зборува, пофали, искритикува, онака секојдневно како што бидува низ медиумскиот простор и на кафе муабет. Мене лично ми се случило да сакам да побегнам од некои филмски фестивали. Ама со „МакеДокс“ на ова урбано свртилиште на креативен документарен филм, нешто клучно ми ја менува перцепцијата од година за година. Секогаш кога во нешто ќе се даде исклучителна енергија и ентузијазам, тогаш има и исклучителна љубов кон филмот. Таа „дрска“ виртуелна реалност која ни ги симулира секојдневните нарации на живеењето, таму каде нечиј живот и искуство се претвара во судбина. Ете и ние имаме нешто толку „мало“, а толку светски. Не, не се обидувам да го испофалам „МакеДокс“ времете си кажува што тие прават, што создаваат и како нивната заложба се рефлектира во јавното. Еве да почнеме од наједноставното убедување.

Кому се обраќа „МакеДокс“? -Искрено, на сите. Замислете филмски фестивал кој се обраќа секому. Јас немаше да бидам толку инспирирана ако не сретнев со тие „мали“ докуникулци. Замислете има млади и деца кои веќе не само што имаат замисла за филмот, тие со години живеат со и во фестивалот. А, „МакеДокс“ ја наполнил нивната глава. Ги натерал да размислуваат поинаку, демократски. Да бидат слободоумни и бескрајно отворени кон знаење. Секогаш мислев дека за Линч и експерименталниот филм се размислува во посозреани години, ама не, овој феноменален идентитет, креиран под „доку-никулец“ веќе во најраната возраст размислува за експерименталната визуелизација. На нас Македонците, од секогаш ни било тешко да поставиме прашање. Тоа се случило на голем број настани на кои имам присуствувано. Ако се постави размисла, тогаш мора да е пофалба. Ете, на „МакеДокс“ е некако поинаку, си ги има и пофалбите, зошто и да се исклучат кога се дофатила суштината на комуникација. Сакам да се навратам на една од работилниците на овогодинешното издание на фестивалот. На тридневната дискусија со финската режисерка Пирјо Хонкасало, низ водечкиот импулс „Реалноста режира“ овие доку-никулци не само што се запознаа со естетската магија на филмовите на оваа авангардна авторка, туку лоцираа прашања за филмскиот наратив и создадоа филмски разговор. Хонкасало се осврна на режирањето документарен филм, но и за разликите меѓу фикцијата и реалноста.
Како секоја година, така и оваa на „МакеДокс“ има голем број на документарни филмски наслови. Тие секојдневни лавиринти во остварување на човековите права кој ја окупираат нашата слобода, ограничуваат мислата се лоцирани во докусмислата. Очигледно е дека докумнетраниот филм низ креативните изразни форми ги брише стандардните поделби во филмот и пресоздава уникатно визуелно искуство. Со „МакеДокс“ секој има шанса да дофати идеја од современта филмска документаристика.
Вероника Камчевска
Фотографија: Дарко Комненовиќ