Вселенска трка: Ако не можеше да биде прв, Безос ќе биде втор

од Nikola Popovski

Џеф Безос, најбогатата личност на светот, ќе се приклучи на клубот на астронаутите во вторник на првото лансирање на неговата компанија „Блу Ориџин“, што е уште еден клучен момент во големиот месец за новата индустрија за вселенски туризам.

Неколку дена претходно, основачот на „Вирџин Галактик“, Ричард Бренсон, полета во вселената, со што го престигна основачот на Амазон, Безос во вселенската трка на милијардерите.

Сепак, целите на „Блу Ориџин“ се многу поамбициозни – во однос на висината до која ќе се искачи вселенското летало на Безос, „Њу Шепард“, но и во однос на идните планови.

Безос го основал „Блу Ориџин“ во 2000 година, со цел еден ден да се изградат пловечки вселенски колонии со вештачка гравитација во кои ќе работат и живеат милиони луѓе.

Денес, компанијата развива орбитална ракета „Њу Глен“ и летало за слетување на Месечината. Тој се надева дека ќе продолжи да ја развива соработката со НАСА во рамките на програмата Артемис.

„Тие имаа 15 успешни летови на Њу Шепард без екипаж и со години чекавме да видиме кога ќе почнат да летаат со луѓе“, изјави за Франс прес, Лора Форчик, основач на вселенската консултантска фирма „Астралитикал“, додавајќи дека тоа биле „возбудливи времиња“ за ентузијасти.

„Њу Шепард“ ќе биде лансиран во 8 часот наутро по локално време (3 часот по средноевропско време) на 20 јули од далечната фабрика „Launch Site One“ во пустина во западен Тексас.

Местото на лансирање е оддалечено околу 40 километри од најблискиот град Ван Хорн.

Настанот ќе се пренесува во живо.

Слични содржини