Вучиќ на годишнината од „Бура“: Помирување – да, понижување – не

од Vladimir Zorba

Српскиот претседател Александар Вучиќ на централната државна комеморација на Србите кои загинаа во операцијата „Бура“ во Хрватска, изјави дека неговата земја е за помирување, но дека нема да трпи понижување.

„Ние нема да ја славиме трагедијата на српскиот народ, убиството на српските цивили, убиството на српските деца. Не се согласуваме на понижување. Помирување – да, понижување – не“, рече Вучиќ на мостот во Сремска Рача, каде симболично беше одбележана програма во сеќавање на настраданите во првите денови од август 1995 година.

„Не принудувајте нè да славиме со вас убиства на Срби, кажувајќи ни дека ова се големи чекори напред. Славете што сакате, радувајте се, и ние ќе тагуваме за сите оние кои со задоволство ги избркавте од нивните вековни огништа“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека „Србија никогаш повеќе нема да биде толку слаба“, за да можат многумина во регионот да се радуваат и да бидат задоволни од тоа.

На комеморацијата на мостот присуствуваше државниот врв на Србија, патријархот на српската православна црква Иринеј, претставници на Република Српска и Србите од Хрватска.

Слични содржини