Вучиќ: Поддршка од Макрон за компромис за Косово

од Vladimir Zorba

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави денеска дека од претседателот на Франција Емануел Макрон добил поддршка за пронаоѓање на компромисно решение со Албанците на Косово, и не само да се обезбеди мир следните две години, туку и траен мир за да се концентрираат на забрзан економски напредок.

Вучиќ на заедничката прес- конференција со францускиот претседател Макрон рече дека во разговорот ги разгледале клучните прашања поврзани за регионот, билатералните односи на двете земји и истакнал дека Србија и регионот гледаат на Париз и Франција, која благодарение на Макрон, стана многу позначајна и за регионот и за Европа отколку што била во некој претходен период.

– Му честирам на Макрон што за кусо време успеа Франција да ја врати на местото каде припаѓа, во светот и во Европа, изјави Вучиќ.

Претседателот на Србија рече дека е постигнат висок степен на согласност за многу прашања – заеднички зачувување мир и стабилност, барање решенија и погледи во иднина наместо во минатото.

Тој очекува голема и значајна улога во тоа на Франција и на Европа.  Вучиќ рече дека разговарале и за пријателството меѓу двете држави, за економската соработка која е поголема од милијарда евра. Тој нагласи дека очекува помош од Макрон за Србија на нејзиниот пат кон Европската унија./МИА

Слични содржини